Две и пол години не си ја видел ќеркичката

by Фокус

Хелсиншкиот комитет во својот годишен извештај, објавен денеска, потсетува на професорот на ФЕИТ во Скопје, Атанас Илиев кој 2,5 години не ја видел малолетната ќеркичка.

Илиев во 2008 година се оженил со државјанка на Србија, а по неколку месеци им се родила и ќерка. Три години подоцна, под изговор дека оди да најде работа, сопругата заминала во Србија, носејќи ја со себе малолетната ќерка и ветила дека ќе се врати најдоцна за три месеци. Меѓутоа, таа не се вратила, ги прекинала сите контакти со Илиев и поднела барање за развод пред судот во Шабац.

Како што информира Хелсишки, Илиев откако ги искористил сите правни механизми кои му стоеле на располагање, во 2012 година поднел и барање до Меѓуопштински центар за социјални работи во Скопје и побарал детето да му биде вратено, затоа што веќе било утврдено дека мајката го грабнала.

Откако биле преземени сите неопходни мерки од страна на надлежните органи во Македонија, Илиев бил известен дека судот во Шабац веќе го одбил барањето да му се врати ќерката. Според наводите на надлежните органи во Македонија, официјална Србија немала волја повторно да ги соедини тактото и ќерката и затоа одбивала да помогне.

„Важно е да се напомене дека одговорот со кој се одбива ова барање, од страна на надлежните органи во Македонија е доставен до Илиев со задоцнување од една година откако судот во Шабац постапувал“, се вели во извештајот на Хелсиншки.

Дополнително, Илиев во 2011 година покренал постапка за развод во Скопје и побарал детето да му биде доверено нему, а мајката да плаќа алиментација.

„По 20 месечно одлагање на судската постапка за развод, скопскиот суд, го отфрлил барањето на Илиев, со образложение дека иако е надлежен не можел да постапува бидејќи веќе била поведена постапка за развод пред судот во Шабац“, стои во извештајот.

Илиев сега се жали на Апелација во Скопје од каде сѐ уште нема одлука за неговата жалба.

„Ги повикуваме сите надлежни институции и органи со внимание и сериозност да постапуваат во овој случај, со цел негово целосно разрешување, имајќи ги во предвид правата и интересите на малолетното дете, а и заштитата на правата на неговиот родител кој го нема видено своето дете повеќе од 2,5 години“, се вели во годинешниот извештај на Хелсиншкиот комитет.

Поврзани новости