Дополнителниот заменик-министер за информатичко општество и администрација, Александар Кирацовски, денеска презентираше проект „ПРИЈАВИ ПРИТИСОК ЗА ФЕР ИЗБОРИ“, преку кој ги охрабрува сите вработени во јавниот сектор да ги пријавуваат сите нерегуларности, закани, уцени и повреди на слободата на определување што се поврзани со изборниот процес.
-Секој што ќе се дрзне да врши притисок и заплашување на гласачите ќе одговара со казна затвор од најмалку три години, а доколку тоа го направи службено лице се заканува казна затвор од најмалку пет години, изјави Кирацовски.
Кирацовски истакна дека целта на овој проект е вработените да се охрабрат и да не подлегнуваат под никакви закани, уцени и притисоци, и да знаат дека има кој да ги заштити. Според него целта е и да се обесхрабрат сите функционери од ВМРО-ДПМНЕ да вршат притисок врз вработените и на шефовите и ги предупреди шефовите и раководителите поставени како кадри на ВМРО-ДПМНЕ, да внимаваат и да не дозволат да станат инструмент во рацете на криминалната власт.