Причам ти причу

by fokus 22:31
22:31

Состојбата во судството е навистина сериозна и бара сериозен пристап, а не популизам, бара вистински длабоки и коренити реформи, а не шминка. Чесните судии треба да го дигнат својот глас и да почнат да зборуваат, ама не за притисок на јавноста или новинарите, туку за случувањата и хаосот во судството

Звонко ДАВИДОВИЌ

- Advertisements -
Banner Renault 300x250

Со години се зборува за судството и за неговата очајна состојба, со години се критикува и се посочуваат проблемите, и тоа преку конкретни примери, со години се укажува на причините што довеле до таквата состојба и предлози како таа да се надмине. Но, ниту еден судија не се одважи јавно, со име и презиме и лик да зборува за горливите проблеми и за состојбите во судството, туку сите до еден молчеа. Само во ретки прилики, и тоа со шепот во кулоарите и по ходниците, раскажуваа за проблемите што ги имаат, и тоа го правеа во анонимните анкети и прашалници, кои беа спроведени во судовите.

ЗОШТО МОЛЧАТ СУДИИТЕ?

Нивното незадоволство и реалната состојба во судството можеше да се детектира, и тоа меѓу редови од приговорите и поплаките што ги доставуваа до Судскиот совет или до Врховниот суд при изборот, напредувањето или разрешувањето судии, и тоа само и само ако беа лично засегнати.

Единствено, и тоа се ретки случаи, јавно зборуваа или пишуваа судии, кои веќе подолг временски период се во пензија. Но и тогаш, коментарот и суштината на искажаното или напишаното, во најголемиот број случаи беше одбрана на судството вакво какво што е. Се префрлаше вината на јавноста дека врши притисок врз судството или дека перцепцијата на граѓаните е искривена и неточна, а критиката на стручната јавност злонамерна и претерана, дека се изнесуваат невистини и измислени работи, дека сензационалистички се известува за судството, со што се поткопува авторитетот и угледот на судството.
Ваквиот став и размислувања се едноставно дегутантни во ситуација кога не постои човек, кој е и малку реален, кој не ја согледува катастрофалната ситуација и состојбата во судството. Тврдењето дека јавноста врши и може да изврши притисок на судството и неговото работење е во краен случај само потврда дека на судството кој било може да изврши притисок, токму затоа што е порозно, исполитизирано, клиентелистички настроено и без реален механизам и можност да се заштити.

Гаранција за независноста и самостојноста на судството, во минатото кога се размислуваше за вистински самостојна трета власт, беа изборот, напредувањето и разрешувањето судиите да го вршат самите меѓу себе, а не тоа да го прави извршната или законодавната власт, траен мандат кој би давал додатна сигурност и неможност за злоупотреби и уцени преку реизборот и самостојниот судски буџет. Како тело што ќе биде бедем и брана на судството, воедно и гарант на неговата самостојност и независност, се формираше Судскиот совет, кој ги обединуваше во себе сите потребни атрибути судството навистина да биде трета власт.

КАКОВ СУДСКИ СОВЕТ ДОБИВМЕ?

Но, како и секогаш, ние сме мајстори, не да подобриме или да создадеме нешто, туку создаденото да го испревртиме, корумпираме, обезвредниме и разнебитиме. Кратко време по формирањето, одвај еден или два мандата, Судскиот совет навистина беше гарант и брана на независното и самостојно судство, а негови членови беа луѓе со долг судиски стаж, искусни судии што знаеја да одолеат на притисоците, со морален и човечки интегритет и знаеја да застанат зад своите колеги судии, но и да казнат и разрешат кога тоа некои од нивните колеги го заслужија.

Како што одминуваше времето, шарлатани политичари, кои имаат само една светиња, а тоа е власта, успеаја преку неколку послушници и подлизурковци судии да влијаат врз самите избори во судовите за избор на членовите на Судскиот совет. А делот на истакнатите правници, кои се предлог на Собранието и претседателот, ги толкуваа како „проверен партиски кадар“ или добра можност за партиски договор за поделба на местата, па го наполнија Судскиот совет со луѓе што најмалку заслужуваа да бидат таму.

Впрочем, ова го слушнавме од „бомбите“ што беа објавени за членовите на Судскиот совет и само го потврдија она што беше јавна тајна. А, тоа е дека дел од членовите на Судскиот совет „залутале“ на тоа место, дека е длабоко политички инфициран и послушник, дека изборот на судии се врши на партиска координација, а изборот на кандидатите, на членовите на Судскиот совет им го даваат координаторите на партиите, а ним им преостанува само послушнички со кревање рака да ја исполнат наредбата на политичарите.

Судскиот совет сè повеќе и повеќе стануваше место за партиски желби за избор на „наши“ судии, казнување на тие што се спротивставуваат на наредбата на „врховната судска власт“, место во кое се собрани членови без кредибилитет и морален интегритет и забавен или застанат мисловен процес. Ова предизвика, како и при секоја болест, ширење и зафаќање на сите делови на судското тело и само за неколку години добивме „сфаровски“ судство, кое многу тешко се оправа.

Не се сите судии корумпирани и некадарни, но истите тие се соучесници во сето она што го снајде судството, затоа што точно знаеја што се случува, но никогаш не го дигнаа својот глас и не се спротивставија на таквите случувања и трендови.

Истите тие судии дозволија и аминуваа судството да се разнебити и исполитизира, да го изгуби својот кредибилитет и дигнитет, чекајќи некој однадвор да ги врати работите и состојбите во нормална насока. Затоа не е добро тие да ѝ префрлаат на јавноста дека врши притисок, туку би било доблесно јавно да проговорат за состојбите, причините и предлозите за надминување на ваквата состојба, свесни дека и самите учествувале во неа.
Времето покажа дека состојбата во судството не може така лесно да се доведе во нормала, и тоа поради неколку причини.

КОИ СЕ ПРИЧИНИТЕ ЗА ВАКВОТО СУДСТВО?

Прво, ниту една извршна власт не е сериозно и вистински заинтересирана да ја среди состојбата во судството, затоа што таквата состојба на клиентелизам и послушништво ѝ одговара на секоја власт, бидејќи судството е исклучително силно оружје за пресметка и неутрализирање на своите противници.

Второ, безидејноста кои објективни мерки и средства треба да се применат и преземат при заздравување на судството се одлика на секоја власт, без оглед со која боја е обоена, затоа што ниту има сериозен пристап, ниту сериозни анализи и знаења за регулирање на оваа област.

Трето, настојувањето за постоење Академија за судии и обвинители, како и популистичките измени на системските закони, кои ја регулираат оваа област сосе Законот за обвинителство ја усложнија и доискомплицираа оваа состојба, создавајќи и кусок на кадар.

Четврто, со некои законски измени судиите, а и обвинителите, сè помалку можат и смеат да мислат со своја глава , а наместо тоа, треба да почитуваат насоки, препораки, ставови на честопати големи незнајковци, или истите да се неприменливи кај нас поради менталитетот, традицијата, економијата или веќе постоечките уставни и законски решенија.

Состојбата во судството е навистина сериозна и бара сериозен пристап, а не популизам, бара вистински длабоки и коренити реформи, а не шминка. Чесните судии треба да го дигнат својот глас и да почнат да зборуваат, ама не за притисок на јавноста или новинарите, туку за случувањата и хаосот во судството, затоа што сè друго е „причам ти причу“.

Поврзани новости