Прибе за „Фокус“: Се уште има луѓе на раководни места што го опструираат владеењето на правото

by Fokus

Германскиот експерт Рајхард Прибе, кој пред шест години критички го опсервираше македонскиот правосуден систем,  беше учесник на денешната конференција организирана од  едукативниот центар на М6

Шест години по иницијалниот извештај за владеење на правото во Македонија, сè уште не е доволно направено. Овој период е испуштена шанса за вашата држава“. Ова за „Фокус“ ексклузивно го изјави германскиот експерт Рајхард Прибе, поранешен директор на Европската комисија.

Според него, во нашата држава постои дефицит од кадри во многу области и на земјава ѝ се потребни фундаментални промени во системот и во потсистемите.

Ви требаат одлучни луѓе што се спремни да го направат тоа. Мислам дека сè уште имате многу луѓе на раководни места што не сакаат да се сменат. Не зборувам за сите нормално. Сепак, се плашам дека морам да речам дека не е доволно направено. Сè уште не доволно направено.“

Прибе, заедно со Исак Адиџес, Зијад Бечировиќ, Светозар Јаневски и Горан Штрок, беше учесник на денешната конференција „Разговори со лидери – Економски и политички перспективи за развој на Балканот“, која во организација на едукативниот центар М6 се одржа во Скопје.

Во своето опширно онлајн-излагање, тој нагласи дека инсистирањето на ЕУ за реформи во судството и за владеење на правото не е насочено само кон Западен Балкан, туку, пред сè, кон земјите што се веќе членки на Унијата.

Имаме лошо искуство со земјите од поранешниот источен блок што веќе се членки на Унијата, и тоа заедно со други големи проблеми со кои се соочуваат постоечките земји-членки е една причината за одложувањето на проширување на Унијата без конкретен датум кога тоа ќе се продолжи“, истакна тој.

Сепак, Прибе призна дека конкретно кон Македонија е направена неправда и преседан кој е штетен и за земјите од ЕУ.

Проблем е што на Македонија и беше отворено ветено напредок во евроинтеграциите ако го реши името. Неисполнувањето на тоа ветување ги прави европските политичари несериозни и сега имаме поголем проблем за ЕУ отколку за Македонија.“

Прибе нагласи дека сега како пензионер отворено може да каже дека бил изненаден од бугарскиот потег, кој со вето буквално ја казнил Македонија и дека не би сакал да е во кожата на македонските политичари по ова прашање.

Дејан АЗЕСКИ

 

 

 

Поврзани новости