Претседателот Пендаровски се вклучи во акцијата за обновување на опожарената шума кај Кочани

by fokus

Претседателот Стево Пендаровски денеска беше во посета на Кочани во рамки на проектот „Лице в лице со Претседателот“, при што ги посети припадниците на Армијата и вработените од ЈП „;Национални шуми“ кои се ангажирани  во санација на штетите од неодамнешниот шумски пожар на падините на Осоговските Планини.

Заедно со градоначалникот Николчо Илијев, членови на Советот на Општина Кочани и со граѓаните, Пендаровски засади нови садници, изразувајќи надеж дека активностите за обновување на оштетениот шумски фонд ќе дадат позитивен резултат.

Во трите последователни подметнати пожари во Кочани во август годинава беа уништени 150 хектари шума, од кои 30 до 40 години стари борови и многу пчелни семејства. – Шумите се наше богатство кое мора заеднички да го чуваме, рече претседателот Пендаровски.

При престојот во Кочани, претседателот ја  посети компанијата „Екстра фунги“ која се занимава со производство и преработка на шумски плодови и органска храна и е меѓу најголемите извозници во оваа област. Пред претседателот Пендаровски беше претставена работата на компанијата, која функционира од 1988 година и постојано бележи раст и успеси. Тоа за помалите градови, според Претседателот е важно, бидејќи се создаваат можности за нови вработувања и подобрување на животниот стандард на локалното население. Сепак, најголем проблем за компанијата е недостигот од сезонска работна сила.

Пендаровски го посети и одделот за ориз на Земјоделскиот институт, којшто како институција беше водечка во оваа област во изминатите децении, но сега се соочува со недостиг на финансиска поддршка од државата и потреба од нови вработувања и млад стручен кадар.

Како што рече Пендарвски, со проектот „Лице в лице со Претседателот“, негова цел е да се сретне со што повеќе граѓани за да ги види нивните проблеми и предизвици, и истовремено да ги слушне предлозите и идеите како тие да се надминат.

Поврзани новости