Претседателот на Судскиот совет не е потресен поради бунтот на судиите: Потписите биле нечитливи

by fokus

Ја следиме состојбата, но дописот до Судскиот совет е анонимен, потписите се нечитливи, па такво известување може да достави било кој, коментира Зоран Караџовски, претседателот на Судскиот совет за „Фокус“, откако вчера петнаесетмина судии од Основниот суд Скопје 1 се кренаа против, како што велат, злоупотребата на судот од страна на Владимир Панчевски, претседател на Кривичниот суд.

Претходно објавивме дека судиите, побарале да бидат преземени соодветни мерки против Панчевски поради негово постапување „имајќи ја предвид должноста на претседателот на судот да внимава да не се наруши угледот, честа и достоинството на личноста“.

Тие потсетуваат дека Панчевски на веб страницата на Основниот суд Скопје 1 , но и во медиумите јавно објави дека поднесува кривина пријава против судијата Иван Џолев. Тоа е спротивно на член 97 став 3 од Законот за судовите поради што Панчевски треба да сноси одговорност, велат неговите колеги кои се одважија да се потпишат на известувањето до Судскиот совет.

Во врска со вчерашниот инцидент во Основниот суд Скопје 1 Караџовски вели дека ја следат состојбата и по тоа прашање, но дека советот не е во можност да преземе конкретни мерки бидејќи станува збор за инцидент меѓу вработени во судска администрација.

„Како што гледаме поднесена е и кривична пријава, но ние не можеме да преземеме какви било мерки, инцидентот е случен кај вработени во судската администрација“, изјави Караџовски.

Основниот суд Скопје 1 вчера потврди дека во просториите на Кривичниот суд се случил инцидент во кој вработен-раководител на одделот за човечки ресурси со иницијали  Г.С. прво вербално и се заканил на П.К. загрозувајќи и ја сигурноста со упатени закани по животот и телото, по што со примена на физичка сила ја турнал од столчето и ја напуштил просторијата.

Поврзани новости