Инспектор во полицијата во Благоевград го повикал претседателот на Градскиот комитет на ОМО „Илинден“, Благоевград, Атанас Кирјаков на 17-ти октомври, пред да биде донесена одлуката да не биде отворен македонскиот клуб, „Никола Вапцаров“ во Благоевград, да се пријави во полиција.
-На 14.10.2022 (во петокот) телефонски се јави Давид Кавраков инспектор во полицијата во Благоевград, да се пријавам на 17.10.2022 година во 9.30 часот наутро. Прашав за што ме бараат, но не ми беше даден одговор.
Денеска 17.10.2022 година во 10.00 часот сабајле, повторно телефонски се јави инспекторот Кавраков, на кого му одговорив дека нема да одам без покана. Ми се закануваа дека ќе ме одведат насилно во полиција со лисици и полицаец, силата на законот целосно ќе се примени врз мене.
На 30.10.2022 година ќе биде отворен Македонскиот клуб во Благоевград. Вчера, на 16 октомври 2022 година, во градот Кресна беше одбележана 144-годишнината од Македонското Кресненско востание, објави Кирјаков на својот Фејсбук профил.
Во објавата Кирјаков пишува дека продолжува дискриминацијата и протерувањето на етничките Македонци во Пиринска Македонија.
-Јавна тајна е дека етничките Македонци во Пиринска Македонија се предмет на репресија и дискриминација, а тоа не од вчера. Во времето на Тодор Живков, етничките Македонци и Македонките, само затоа што не се откажале од својата македонска националност, биле малтретирани на најразлични начини – закани, следења, прислушувани, отпуштани од работа, исклучени од училиште и факултет, регрутирани во милиција, испрашувани, тепани, интернирани во далечните делови на Бугарија, затворани во логори и затвори, убивани…
По 1989 г. односот на бугарските власти кон етничките Македонци во Пиринска Македонија воопшто не е променет. Етничките Македонци во Бугарија немаат никакви човекови права. Сите обиди за регистрација на културни здруженија на етничките Македонци во Бугарија се категорично одбиени од бугарскиот суд со образложение дека во Бугарија нема македонско малцинство.
Мотото на Тодор Живков од 1963 година, дека во Бугарија нема Македонци, никогаш немало и нема да има, важи за денес.
Последнава година тензијата меѓу двете земји, Република Бугарија и Република Македонија е многу висока. Од една страна, со отворањето на бугарските клубови во Охрид и Битола, како и со отворањето на Македонскиот клуб во Благоевград, пишува во неговата објава.