Претседателот на косовското Собрание, Кадри Весели престојуваше попладнево во Зубин Поток во северно Косово, каде што утрово специјалните единици на косовската полиција изведоа обемна операција за апсење на осомничени за организиран криминал, која го вознемири месното српско население, јави дописникот на МИА од Приштина.
Цел на посетата на Весели, како што е објавено, е да ги убеди граѓаните дека немаат од што да стравуваат, затоа што целта на полициската акција била единствено борбата против корупцијата и организираниот криминал.
На средбата со жителите на селото Чабра, парламентарниот спикер изјави дека дошол за да даде поддршка во името на институции на државата за сите граѓани на Косово.
– Дојдов денеска како претседател на Собранието, од името на сите институции на Република Косово, да ја испратиме пораката дека сме заедно, дека Косово им припаѓа на сите граѓани на Република Косово, без разлика дали се Албанци или Срби и дека законот ќе биде еднаков за сите. Ова е пораката што сакам да им ја пренесам на сите, било Албанци или Срби, изјави Весели.
Тој порача дека косовските институции ќе дејствуваат врз основа на уставните и законските надлежности во целата земја и изрази уверување дека ќе успеат да изградат либерално – демократска држава, во која ќе владее правото и законот.
– Никој нема потреба да се вознемирува, никој не треба да изнесува невистини во случај кога дејствува владеењето на правото, ниту Албанците, ниту Србите. Ние нема да го толерираме организираниот криминал, ниту коруптивните појави кои се штетни за државата. Денешната операција беше насочена против негативните појави, против оние кои се инволвирани во организиран криминал и на север, и на југ, и на исток, и на запад, порача Весели, нагласувајќи дека „Република Косово ќе го спроведува својот суверенитет на целата своја територија и во тоа нема компромис“.