Додека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, е во посета на САД, претседателот на Асоцијацијата на обвинители во Вашингтон, Дејвид Лабан, на СЈО му порача да не се откажува во спороведување на истрагите, кои произлегуваат од прислушуваните материјали, пренесува Гласот на Америка на македонски јазик.
Не се откажувајте, секогаш работете за вистинското добро, за вистинската личност и поради вистинска причина, и порача на специјалната обвинителка Катица Јанева претседателот на Асоцијацијата на обвинители, Лабан.
Тој вели дека треба да се исполнат три услови Специјалното обвинителство да работи ефективно – независност, буџет и екипираност.
-За обвинителите на САД е вистинско освежување да ги видат македонските специјални обвинители и луѓето кои јавно им изразуваат поддршка – порачувајќи „ова е тоа што ни требаше“. Ова е важно бидејќи специјалната обвинителка не оди надвор, со оружје в раце, туку е поставена за да види кој што направил, зошто го направил тоа и дали тоа може ли да се докаже на суд, изјави тој за Гласот на Америка.
Случајот со прислушуваните материјали за Лабан е исклучителна реткост.
-Да потрошите 50 милиони долари јавни пари за да отидете во Израел и да купите опрема, да прислушувате 20 илјади луѓе, и на крај сите информации да излезат токму од сопственото прислушување, е вистинска иронија. Во суштина тие се фатија себе си`, рече Лабан.
Тој смета дека формирањето на Специјалното обвинителство е само прв чекор во негово разрешување. Следно, додека следно е формирање на Специјален суд за спроведување на истрагите.
-Ако има јавен суд на кој може да му се верува, тоа е сепак подобар начин, бидејќи тајните или специјалните судови, кои се надвор од редовниот судски систем, некогаш можат да доведат уште повеќе да се намали довербата на граѓаните во Владата. Целта е токму спротивното, објаснува тој.
Но, прашањето е, вели тој, дали Македонија има суд кој може да води случаи како овие и на кој може да му се верува, особено затоа што се работи за криминал.
Лабан посочува на важноста на врската меѓу СЈО и јавниот обвинител.
-Преку таа професионална врска се обезбедуваат сите документи и информации. На пример, во американскиот систем, специјалниот обвинител има пристап до механизмите достапни преку ФБИ и други гранки на владата на САД, открива тој.
Убеден е дека ако истрагите не утврдат одговорност, ќе се закочи и евроатлантската интеграција на Македонија.
-Кога има високо ниво на политичка корупција, многу е тешко да се каже дали оваа држава заслужува да биде дел од нешто, како што е ЕУ, вели Лабан.
Додаде дека е изненаден од одлуката за помилување на претседателот Ѓорге Иванов, нарекувајќи ја „неверојатна“, оти како што вели тој, секаде во светот помилувањата се случуваат откако ќе се донесат пресуди, а не перспективно, без да се знае дали некој направил нешто и што е тоа.