Сведокот Јовица Стефановски -Нини, кој беше предложен од лидерот на СДСМ Зоран Заев, сведочеше во корист на премиерот Никола Груевски.
„Ниту сум се слушнал, ниту сум се видел, ниту ги познавам лично Заев и Груевски. Акциите се купени на берза преку брокер и не знаевме кој е продавач“, изјави Газда Нини.
На прашање на одбраната на Заев, пак, дали го познава Ден Дончев, бидејќи се посочуваше дека на една од снимките газда Нини зборува со Дончев, сведокот одговори дека не го познава.
Српскиот бизнисмен Нини, како сведок, заедно со Ден Дончев, беше преложен пред два месеци, на последното судско рочиште,од одбраната на Заев. Тогаш судот веднаш се изјасни дека Дончев не го прифаќа како сведок, а за Нини посочи дека ќе одлучи дополнително, бидејќи не му била утврдена адресата на живеење.
На ова рочиште судот како доказ ја отфрли и снимката на која наводно се договара продажбата на „Македонска банка“, бидејќи, како што претходно оцени и Јавното обвинителство, е направена без налог од државен истражен орган.
Заев, пак, уште пред пет месеци обвини дека премиерот Груевски лично ја продал „Македонска банка“ АД Скопје, на српскиот бизнисмен газда Нини. Наводно, според тврдењата на СДСМ, при продажбата, премиерот добил 1,5 милиони евра во кеш.
За ваквото обвинување премиерот Груевски поднесе тужба против Заев, со која му бара 500.000 евра обештетување.