Прес центарот во Клубот на новинарите во Скопје ќе го носи името на основачот на Фокус и доајен на македонското слободно новинарство Никола Младенов, кој пред четири години загина во мистериозна сообраќајна несреќа кај клучката на автопатот Скопје-Велес во близина на скопската населба Хиподром.
Денес, четири години по неговата трагична смрт неколку прашања поврзани со случајот се уште остануваат неодговорени. Загинувањето на Младенов од самиот почеток е обвиено во мистерија, иако Основното јавно обвинителство предметот го затвори како несреќен случај.
Според официјалниот извештај на обвинителството, причината за сообраќајната несреќа била неприспособената брзина со кое се движело возилото – 142 км на час во моментот кога се наближило кај клучката во Хиподром, додека пак наодот на вештите лица покажал движење по неадекватна траекторија со голема брзина.
На официјалната прес конференција одржана на 10 јули, 2013 година, на која освен скопската обвинителка Гордана Гешкоска се појавија и екс министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, јавниот обвинител Марко Зврлески, екс претседателот на скопскиот Кривичен суд, Владимир Панчевски и истражниот судија Душан Јосифов беше кажано дека причина за несреќата е неадекватно однесување.
– Констатирано е дека на телото на Никола Младенов имало поголем број повреди, но смртта настанала како резултат на раскинување на аортата. Вештите лица посочуваат дека до ваков раскин доаѓа кај возачи кои возат со поголема брзина. Нивниот заклучок е дека возилото кое било управувано со брзина од 142 километри на час при удар во банкината излетало од автопатот – посочи во тој период Гешкоска.
И по четири години оттогаш, телефонот на сопственикот на „Фокус“ се уште не е пронајден, иако на денот кога се случи сообраќајната несреќа беше лоциран токму по сигналите од телефонот. Според информациите, Младенов последен пат на својот телефон разговарал во 16 часот на 26 март и оттогаш па се до настапувањето на смртта, на неговиот мобилен телефон според листите од телефонските оператори наводно немало ниту појдовни, ниту дојдовни повици.
Исто така, карактеристично за случајот е и тоа што камерите на наплатните рампи на автопатот Скопје – Велес истата вечер кога се случила сообраќајната несреќа не работеле или воопшто не биле поставени.
Пред две години лидерот на опозицискиот СДСМ, Зоран Заев ја објави 30-тата „бомба“ во која телефонските разговори покажуваат дека власта неодговорно и непрофесионално ја водела истрагата за смртта на Младенов, како и тоа дека од јавноста се сокриени клучни детали од истрагата.
Младенов е основач и сопственик на неделникот „Фокус“, кој речиси 22 години опстојува на пазарот. Беше директор и главен и одговорен уредник на „Млад Борец“, весник на македонската младина, кој на преминот во политичкиот плурализам ги најави демократските промени.
И.М.