Судијката Дијана Груевска-Илиевска е нов заменик на претседателот на Основниот суд Скопје 1, на местото на досегашниот Ивица Стефановски, соопштија денеска од судот.
Груевска – Илиевска го води предметот „Поткуп“, во кој обвинет е лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Основниот суд Скопје 1 во соопштението испратено до јавноста, ги појаснува прераспоредувањата на судиите, кои како што се наведува, се дел од од организациските промени на годишниот распоред на судиите во овој суд, донесени од страна на претседателот на судот.
Судијата Гордана Спиреска е определена за претседател на Оддел – кривично полнолетни, од причини што досегашниот претседател на одделот, судијата Сандра Крстиќ по нејзино лично барање е прераспоредена во друг оддел.
Поради истите причини, судијата Сандра Крстиќ исто така е прераспоредена од Одделението за организиран криминал и корупција во Одделот кривично претходна постапка.
Инаку судијката Сандра Крстиќ беше надлежна за предметот за случајот на новинарот Зоран Божиновски, чие прво рочиште беше закажано кон крајот на минатиот месец. Рочиштето беше одложено поради отсуството на судијката, а од судот соопштија дека Крстиќ од семејни и од лични причини побарала да биде прераспределена во друг оддел.