Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека најавата на ДУИ дека ќе се трансформира во зелена партија со фокус на екологија и подобрување на животната средина е само евтин пи-ар за претстојните локални избори наесен. Според Мицкоски, ДУИ уште денеска е демантирана во намерата, бидејќи, како што посочува, од термоелектраната Осломеј во Кичево излегуваат црни чадови.
-Тоа што беше кажано од ДУИ за менување на платформата од национална кон зелена агенда е претпоставувам дел од нејзината кампања што ќе ја води на следните локални избори, иако денеска демантот стигна. Тоа е се убаво напишано на хартија. Еве, ве повикувам да се упатите во Кичево, Осломеј, Зајас и Трапчин Дол и да погледнете каков чад излегува термоцентралата Осломеј. Тоа личи на се, само не на зелена агенда – рече Мицкоски.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пак, во интервјуто за ТВ21 рече дека не сака многу да зборува за работата на Мицкоски за да не биде погрешно сфатен. Сепак, Ахмети му порача на Мицкоски дека треба да се вклучи поактивно кога станува збор за државните интереси.
-Тој треба да биде активно вклучен да се реши отворениот спор со Бугарија. Мицкоски, исто така треба да биде поактивен во реформите во правосудството, треба да биде погласен и аргументиран кога објавува злоупотреби на службената положба на актуелни функционери на власта, треба да има сериозни факти и да ги достави до Обвинителство и во истражните органи, а не да држи прес-конференции без серозни аргументи – рече лидерот на ДУИ.