Премиерот Зоран Заев ќе биде покровител на годинашната прослава по повод 70 години од основањето на Институтот за национална историја (ИНИ), соопшти владината прес-служба по денешната средба на премиерот со делегација на ИНИ предводена од директорот Драги Ѓоргиев, кој воедно е и дописен член на МАНУ.
Делегацијата во чиј состав биле и професорите Марија Пандевска и Љубица Јанчева, го информирале премиерот Заев за подготовките на прославата како и за програмата за одбележување на оваа годишнина која ќе започне на есен со серија настани и промоција на 17 нови научни дела произлезени од проектите на ИНИ од минатата година. Во ноември годинава, ќе се одржи свечена академија и меѓународен научен симпозиум „Балканската историографија и современите предизвици“.
Премиерот Заев ги охрабри научните работници од ИНИ во реализацијата на меѓународниот научен симпозиум, на кој ќе учествуваат голем број истакнати историчари и други научни работници од регионот, Европа и светот.