Берачка на грозје од Виница влегува во куќите во Тимјаник и краде, за четири дена двапати фатена на дело!

by fokus

Во месеците август, септември и октомври во Неготино и Кавадарци секоја година престојуваат поголеми групи на берачи на грозје. Најчесто станува збор за Роми од Виница, Кочани, Штип и Струмица, кои се сместуваат во изнајмени соби, а некои пак доаѓаат со сопствено комбе и во него живеат во тек на гроздоберот.

Дел од една од групите сместени во Тимјаник, Неготино, била и 35-годишната Џ.С. од Виница, која освен на берба на грозје, очигледно дошла во Тиквешијата и да заработи лесни пари крадејќи по домовите на жителите на Тимјаник.

Како што информираат од СВР Велес за ,,Фокус”, таа била фатена на дело, додека влегла во куќа во Тимјаник во обид да изврши кражба, на 11-ти септември, околу 19.30 часот. Била лишена од слобода, а потоа пуштена да си оди.

Но, берачката по само четири дена, односно на 15-ти септември, повторно се обидела да влезе во куќа во Тимјаник со цел да изврши кражба, овојпат околу 21.30 часот.

Повторно била приведена во полициската станица во Неготино и пуштена да си оди, а по документирање на случајот против нејзе ќе биде поднесена соодветна пријава.

Инаку, берачите на грозје кои престојуваат во Тиквешијата, за берба од шест часот наутро до 12 на пладне наплаќаат 1.500 денари, бараат обезбеден превоз и појадок. За секој час берба после 12 часот, наплаќаат по 300 денари.

Вики Клинчарова

Поврзани новости