Рано изутрина, додека водата и нацијата спијат, во 4 часот и 59 минути се разбуди Премиерот, се разбуди во исто време со изгревањето на сонцето над Македонија. Он толку рано станува, што не граби две среќи, туку носи безброј среќи за цела Македонија. Веднаш ги изми забите со неговата омилена паста и четка за заби од домашно производство, пушти вода во тоалетот онолку колку што е потребно, затоа што тој секогаш штеди и отиде да се облече. Се облече во кошулата која е сошиена од странска инвестиција во Штип дирекно од рака на македонска шивачка која ги има сите работнички права што и следуваат. Потоа ја намести вратоврската право, на начин како што и ни ја води државата. Се напи сок од цеден портокал, набран од егејскиот дел на Македонија, а потоа и горко македонско кафе, сварено на шпорет што штеди електрична енергија, онаа која поевитни за 0,33%. Во кесичката на кафето доби награда, која подоцна ја донираше во хуманирани цели. Ги врза врвците на кондурите во знакот на македонското знаме и зачекори по македонските асфалтирани улици, онакви какви што не ги помниме во времето на СДСМ. Во спортски дух, пеш се упати кон работното место, местото кое сега личи на вистинска Влада, а не на некаква си лименка, изградена провизорно во времето на комунизмот. Тој оди на работа со една единствена цел, да придонесе во успехот и напредокот на државата која неизмерно ја сака и неуморно се бори за неа.
После состаноците со министрите на кои им беа делегирани обврски да отворат чешми за пиење вода, канти за отпадоци и магистрален пат долг дури еден милион сантиметри. Околку 13 часот, седна на ужина која му се состоеше од коктел на јатки и плодови набрани од македонски садници кои немаше да пораснат ако не беа субвенциите што тој и неговата Влада им ги додели. После ужината, замина на средби со странските инвеститори кои во редици како Грци пред банкомат чекаат да инвестираат во Македонија, земјата лидер во регионот, Европа, светот, универзумот, галаксијата и уште еден латински термин што ја означува бесконечноста на постоењето а се уште не е измислен. Нашиот премиер го знае тој збор, но тој е толку скромен што не сака да се фали дека го знае. Чека на друг да му текне, он има поважни работи од тоа. Државата да ја води напред. После средбите со инвеститорите, замина до новите објекти на законодавната власт каде запали свеќа и со тоа ја искажа својата верба во државните институции на Македонија. Во нив најмногу верува, тие се столбот на независноста и правдата во државата. Да не беше измислено римското право, ќе се викаше македонско право. По напорната прошетка низ спомениците во Скопје, положи цвеќе кај секој еден од нив, одлучи да седне и да руча во една од галиите на Вардар. Оние прексани галии кои го красат кејот на Вардар и даваат посебен шмек на градските плажи кои секојднено се преплавени од туристи од целиот свет. Тој не побара мени, не дека тој така одлучи, туку затоа што верува во волјата на народот и го остави народот да одлучи за него, што тој ќе руча. Поради неодлучноста на народот а и неговите збиени работни обврски, реши да го го прескокне ручекот и повторно се посвети на работата.
Работеше се до 19 часот каде потоа со пријателите замина на договорениот термин за мал фудбал. Скца 9 гола и беше прогласен за играч на натпреварот. Играч на сите натпревари што се одржаа во тој термин ширум републиката. Се пресоблече и замина дома да ги проследи сите настапи на македонските натпреварувачи на Цвезде Гранда и Пинкове ѕвезде и безрезервно и неколебливо гласаше за сите нив затоа што тој е вистински промотор и поддржувач на македонскиот музички талент во секое светско натпреварување. Овој ден како и секој останат, тој направи многу за Македонија. Македонија треба да му биде должна и благодарна што го има. И му е!
Пред спиење, Никола се искачи на МТВ, медиум кој резонира слобода и разум, непристрасност и објективност, погледна наоколу и заплака, зошто немаше веќе што да освојува. Се беше освоено, повеќе освоено и од Александар Македонски. „Сами капат солзиве, прости ми Македонијо“ рече Никола бришејќи ги со ракавот од својот волнен џемпер кој висеше под кожната јакна.
Денот ја повикуваше ноќта, исцрпеноста од работата си го зимаше данокот, народот веќе беше во сон, а премиерот како што е редот, заспа последен во спокој слушајќи го последниот дневник на Сител како ги пренесува сите негови залагања и постигнувања за доброто на Македонија и сите граѓани што живеат во неа. Во сон го потонаа реформите во здравството, образованието, медиумите, судството и се она што заслужуваше реформа а беше оставено во црнила и мака од владеењето на СДСМ. Премиерот заспа и спиеше мирно затоа што знаеше дека се што тој работи, работи за подобар живот на македонските граѓани.
Бонус метод за подобро расположение:
Од сега па натаму, секој ден пред спиење и после будење, по 10 пати во низа и на глас извикувајте – Благодарение на Владата, благодарение на Никола.. благодарение на Владата, благодарение на Никола.. и грижите ќе ги снема!
Напомена: Вестите се измислени и сатирични и служат како пародија од моменталните политички збиднувања во државава. Но овој пат, за разлика од другите текстови, ја исклучуваме можноста текстов во иднина по некоја случајност да стане реален и точен.