Случајот „Ровер“ повторно падна на Апелација, обвинетите излегуваат на слобода

by fokus

Судскиот случај „Ровер“, во кој еден од обвинетите е и Љубе Бошкоски, ќе се суди по трет пат, бидејќи како што дознава „Фокус“, Апелациониот суд повторно ја укина првостепената пресуда и случајот го врати на повторно судење.

Како што дознаваме, Апелација донела одлука и да се укине притворот за обвинетите, за што веќе била информирана затворската служба, што значи дека утре, по три години поминати зад решетки, на слобода ќе излезат Зоран Трајковски, Сашко Јовановски и Ивица Ристиќ, кои беа во притвор, а мерката домашен притвор ќе биде укината за Гоце Митревски. Бошкоски, и понатаму останува зад решетки, бидејќи одлежува правосилна казна за случајот „Кампања“. Тој за овој случај доби петгодишна казна затвор, а му останува уште една година.

Адвокатите на обвинетите се уште не ја добиле одлуката на Апелација, но неофицијално потврдуваат дека и тие ја слушнале позитивната вест.

Апелација по втор пат ја укинува првостепената пресуда за овој случај, поради низа пропусти и грешки и неутврдена фактичка состојба, што значи дека случајот по трет пат ќе влезе во Кривичниот суд, но сега на обвинетите ќе им суди нов судски совет.

Според првостепената пресуда, за убиството на Маријан Тушевски и Киро Јанев, од 2001 година, обвиентите Предраг ЧубрилоМилан Илиќ и Милорад Ковачевиќ  добија казна доживотен затвор, Вук Вукичевиќ беше осуден на 15 години затвор, Бошкоски доби казна затвор од 10 години и шест месеци, првиот човек на обезбедувањето на Бошкоски, инспекторот Зоран Трајковски доби осум години и шест месеци, по седум добија Сашко Јовановски и Ивица Ристиќ, а по пет години и шест месеци Гоце Митревски и Никола Негриевски.

Поврзани новости