Косовскиот премиер Албин Курти го претстави планот за регистарските таблички кои ги издаваат српските органи за градовите во Косово.
Сопствениците на автомобили со регистерски таблички кои ги издаваат српските органи за градовите во Косово, од 1 ноември ќе бидат предупредувани и оваа мерка ќе трае три недели, односно до 21 ноември.
Косовскиот премиер Албин Курти го претстави планот за регистарските таблички, според кој до 21 јануари ќе се изрекуваат казни, а по тој период ќе се издаваат пробни таблички.
Од 21 април, како што рече Курти, нема да се дозволи движење на возила со таблички различни од РКС (Република Косово).
-Не ја менуваме нашата одлука, спроведувањето започнува на 1 ноември, рече Курти и уште еднаш ги повика припадниците на српската заедница да ги пререгистрираат своите возила.
Тој напомена дека до 31 март следната година ќе важат финансиските олеснувања кои сега се на сила.
Рокот на косовската Влада за пререгистрација на возилата со српски таблички, кои се нелегални за Косово, истекува на 31 октомври.
Главно се работи за таблички КМ (Косовска Митровица), кои се нелегални за Косово, но досега се толерирани во општините со српско мнозинство на северот на Косово – Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток.
Од околу 10.000 автомобили со вакви таблички, околу 20 се пререгистрирани во РКС.