Предмети за поранешни функционери со години се заглавени во предистрага!

Предметите за кои покажувате интерес се во предистражна постапка и по нив постапуваат надлежните јавни обвинители, ни одговорија од обвинителството во однос на случаите поврзани со Филипче, Дончев, Ковачевски покренати уште пред неколку години, како и во врска со спорниот тендер за дигитализација на матични книги.

by Фокус

Предмети кои одамна беа отворени за неколку веќе поранешни јавни функционери се уште тапкаат во фаза на предистрага, без да се донесе одлука да се затворат или да напредуваат во следна фаза на истрага и обвинение пред суд.

Предметите за кои покажувате интерес се во предистражна постапка и по нив постапуваат надлежните јавни обвинители. Со оглед на тајноста на предистражната постапка не можат да се споделат детали“, гласи одговорот што го доби „Фокус“ од Јавното обвинителство.

Инаку, се интересиравме за предметите поврзани со поранешниот министер за здравство Венко Филипче, ексдиректорот на Фондот за здравство Ден Дончев, довчерашниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски, како и за случајот со дигитализација на матичните книги за време на директорувањето на Бујар Дардишта.

СЛУЧАЈ: ФИЛИПЧЕ И ДОНЧЕВ

Во првата половина на 2021 година, беше поднесено обвинение против Вера Иванова за злоупотреба на службена положба и за перење на пари, поради начинот на кој стекнала лиценца за дијализа и потоа ја продала компанијата на странски инвеститор.

Всушност, Иванова беше обвинета за нелегална трансакција како управител на фирмата-основач на „Дијамед“ – „Метрополитен“, која во 2013-та година го добила тендерот за дијализа од Министерството за здравство.

Притоа, според обвинението, целта не била да ја извршува здравствената дејност 20 години, колку што трае лиценцата, туку само да профитира со продажба на фирмата на шведската компанија „Дијаверум“.

За овој случај, и Иванова во 2019 година поднесе кривични пријави против поранешниот министер за здравство Венко Филипче и тогашниот директор на Фондот за здравство Ден Дончев, кои, според неа, ја злоупотребиле службената положба со тоа што се обиделе да ја спречат продажбата на „Дијамед“.

Во меѓувреме, Иванова веќе беше првостепено осудена на условна казна, додека предметот за Филипче и Дончев се уште е во фаза на предистрага, иако минаа неколку години по поднесувањето на кривичните пријави.

Пред околу една година, пак, од ЈО ни посочија дека надлежниот јавен обвинител кој првично постапувал во овој предмет бил избран во друго обвинителство, па неговите предмети, вклучително и овој, му биле дадени на друг обвинител.

Новиот јавен обвинител, истакнаа тогаш од таму, ги разгледал сите аспекти поврзани со овој случај, па во рамките на своите надлежности презел дејствија​ неопходни за расчистување на случајот.

Во овој период, се издадени и низа Наредби до Министерството за внатрешни работи за кои се очекува известување во врска со постапувањето“, појаснија од ЈО.

СЛУЧАЈ: КОВАЧЕВСКИ И РЕК БИТОЛА

Неодамна, Васко Ковачевски се повлече од директорската позиција во ЕСМ, што се случи неколку години откако во 2020 година битолската компанија „Рубитон“ поднесе кривична пријава против него за тендер во РЕК Битла.

Како што тогаш објави „Фокус“, сопствениците на „Рубитон“ во пријавата до МВР навеле дека Ковачевски вршел притисок во корист на „СВ Инвест“ да отстапат дел од договорот што го склучиле за ископ во РЕК Битола или во спротивно да платат 250.000 евра во готово.

Станува збор за договор склучен во втората половина на 2018 година за ископ на јаловина во рудникот Суводол. Во рамки на оваа тендерска постапка, државната компанија склучила договори со 3 компании, од кои еден со „Рубитон“ на сума од 72 милиони денари.

Но, договорот со „Рубитон“ потпишан со времетраење од една година ЕСМ го раскинал само 3 месеци откако бил потпишан. Патем, била активирана и банкарска гаранција во вредност од 30 милиони денари, по што „Рубитон“ покренал судска постапка за милионско побарување.

Па така, еден месец по раскинувањето на договорот со „Рубитон“, државната компанија склучува договор со „СВ Инвест“ за ископ на јаловина во откопното поле Б во рудникот Суводол во износ од 49 милиони денари.

Меѓу другото, во пријавата на „Рубитон“ стои дека веднаш после склучувањето на договорот со ЕСМ еден од сопствениците на „Рубитон“ бил повикан од Ковачевски во битолскиот хотел „Епинал“. На оваа средба, како што тврди тој, тогашниот директор од нив побарал да отстапат 50 отсто, а подоцна и 75 отсто од договорот на подизведувач.

Потоа, Ковачевски им посочил дека ако сакаат да работат според договорот треба да донесат 250.000 евра во готово. Тоа ја одбиле и оваа понуда, па почнале да работат на терен, ама, како што нагласуваат, се соочувале со опструкции кои довеле до раскинување на договорот.

Поради тоа, сопствениците на „Рубитон“ оствариле средба и со поранешниот менаџерски тим на АД ЕСМ на чело со тогашниот директор Драги Миновски. Присутните на состанокот ги прашале првите луѓе на компанијата дали се што кажале пред нив би кажале и на „друго место“. Дури една година подоцна, тие го пријавиле случајот во МВР…

СЛУЧАЈ: ДИГИТАЛИЗАЦИЈА НА МАТИЧНИ КНИГИ

Во фаза на предистрага е уште еден случај за кој пишувавме. Имено, Управата за финансиска полиција лани информираше дека до Обвинителството за организиран криминал и корупција поднела кривична пријава против 3 физички лица и 1 правно лице за злоупотреба на службена положба и овластување, во врска со случајот што година и пол претходно го обелодени „Фокус“.

Станува збор за договорите што Управата за матични книги ги склучи со новоформираната компанија „Новатек Инв“ за дигитализација на матичните книги и набавка на компјутерска опрема , во вредност од половина милион евра.

Првопријавеното лице, во својство на раководно лице во Управата за матични книги и второпријавеното лице – вработено во УМК, како лица што ги изработиле техничките спецификации и условите за квалитативен избор, поттикнати од третопријавеното лице во својство на сопственик и управител на четвртопријавеното правно лице – „Новатек Инв“, ја злоупотребиле службената положба и овластување на начин што спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на јавните средства, во текот на 2021 година изработиле тендерска документација со дискриминаторски и несразмерни услови за квалитативен избор за јавна набавка на услуги за дигитализација на матичните книги и јавна набавка на компјутерска опрема, известија од Финансиска полиција.

Оттаму потенцираат дека со така дефинираните дискриминаторски и несразмерни критериуми за квалитативен избор и склучениот договор со „Новатек Инв“,  реализирана е набавка на компјутерска опрема за потребите на Управата за водење на матичните книги по цени далеку повисоки од реално пазарните цени и на тој начин пријавените лица предизвикале штета на Управата за водење матични книги во вкупен износ од 2.836.260 денари.

„Дополнително, прво и второпријавеното лице, поттикнати од третопријавеното физичко лице, во техничките спецификации за јавната набавка на услуги за дигитализација, предвиделе ставка за „техничка поддршка при процесот на внесување на податоци“ во висина од 359.507 денари месечен паушал, за кои услуги во моментот Управата имала склучен договор со друг правен субјект и на тој начин без да постои реална потреба кон Управата се фактурира за иста услуга два пати, еднаш од страна на „Новатек Инв“, и еднаш од страна на другиот правен субјект, со што е предизвикана штета на Управата за водење на матични книги во вкупен износ од 2.157.042 денари, соопштија од Финансиската полиција.

Како што своевремено пишувавме, Управата склучила 3 договори со „Новатек Инв“ во вкупна вредност од половина милион евра, само 3 месеци по формирањето на фирмата.

Два договори се однесуваа за набавка на компјутерска опрема во вредност од 7 милиони денари, додека третиот се однесува за дититализација на матичните книги во вредност 29,5 милиони денари.

Влатко Стојановски

Поврзани новости