Се чека епилог од кривичните за Филипче и Дончев, нов обвинител го презел случајот

Во овој период, се издадени низа Наредби до Министерството за внатрешни работи, ни одговорија од Јавното обвинителство, во врска со текот на предистражната постапка поведена по кривичните пријави против поранешниот министер и директор за случајот „Дијамед“.

by Фокус

Во првата половина на ланската 2021 година, беше поднесено обвинение против Вера Иванова, која е обвинета за злоупотреба на службена положба и за перење на пари, поради начинот на кој стекнала лиценца за дијализа и потоа ја продала компанијата на странски инвеститор. Моментално, како што не известија од Јавното обвинителство, во судската постапка се изведуваат доказите предложени од страна на одбраната, а средствата на Иванова во Монако остануваат замрзнати до крајот на постапката.

Всушност, Иванова е обвинета за нелегална трансакција како управител на фирмата-основач на „Дијамед“ – „Метрополитен“, која во 2013-та година го добила тендерот за дијализа од Министерството за здравство. Но, според обвинението, целта не била да ја извршува здравствената дејност 20 години, колку што трае лиценцата, туку само да профитира со продажба на фирмата на шведската компанија „Дијаверум“.

Без да овозможи Министерството за здравство, како јавен партнер, да утврди дали шведската компанија „Дијаверум“  ги исполнува истите тендерски услови како избраната „Метрополитен“, обвинетата во 2018 година склучила договор со „Дијаверум“ за пренос на удел. Со ваквите дејствија, обвинетата вредноста од уделот во „Метрополитен“, кој бил 231.000 денари, го зголемила на 11.560.000 евра, за колку и го продала на новиот правен субјект“, соопштија тогаш од ЈО.

Но, како што е познато, Иванова за истиот случај во 2019 година поднесе кривични пријави против поранешниот министер за здравство Венко Филипче и тогашниот директор на Фондот за здравство Ден Дончев, кои, според неа, ја злоупотребиле службената положба со тоа што се обиделе да ја спречат продажбата на „Дијамед“. За разлика од првиот случај, во однос на кривичната за Филипче и Дончев постапката се уште е во фаза на предистрага и е далеку од обвинение.

Како што ни одговорија од обвинителството, надлежниот јавен обвинител кој постапувал во овој предмет бил избран во друго обвинителство, па неговите предмети, вклучително и овој, му биле дадени на друг обвинител избран во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Новиот јавен обвинител, додаваат од таму, ги разгледал сите аспекти поврзани со овој случај, па во рамките на своите надлежности презема дејствија​ неопходни за расчистување на случајот.

Во овој период, се издадени и низа Наредби до Министерството за внатрешни работи за кои се очекува известување во врска со постапувањето. Во интерес на постапката и почитување на начелото на пресумпција на невиност, сите активности и дејствија што се преземаат од страна на надлежните органи во текот на предистражната постапка се тајни, па согласно тоа јавноста ќе биде навремено информирана кога ќе можат да се споделат повеќе детали што нема да и попречат на постапката“, појаснуваат од ЈО.

Како што своевремено пишуваше неделникот Фокус,  во рамки на овој случај, Управата за финансиско разузнавање утврдила дека Дончев добил 50.000 евра за консултантски услуги од компанијата со основна дејност за интернетпорталите „Ремаркет“ (подоцна регистрирана е уште една трансакција од 80.000 австралиски долари), која се финансирала исклучиво од австралиската фирма „Мегантик“. Тој овие средства не ги пријавил до Антикорупциската комисија, која му изрече парична казна. Меѓутоа, се уште се чека епилогот од предистражната постапка, односно дали ќе биде прекината, или, пак, ќе биде отворена истрага која потоа евентуално би резултирала и со обвинение.

Влатко Стојановски

Поврзани новости