По парламентарните избори во 2016 година, ДУИ го прекрши непишаното правило „победик со победник“, па наместо да коалицира со дотогашниот партнер ВМРО-ДПМНЕ, кој имаше најмногу гласови и 2 пратеници плус, одлучи да формира влада со СДСМ, на тој начин предизвикувајќи политички промени.
За време на владите на СДСМ и ДУИ, земјава го реши спорот со Грција и стана членка на НАТО. Покрај тоа, потпиша Договор за добрососедство со Бугарија и беше постигнат т.н. „француски предлог“, со што земјава ги отвори преговорите со ЕУ, но не и преговарачките поглавја, поради противењето на опозицијата кон обврската за уставни измени.
Во овој период, СДСМ и ДУИ имаа коректна соработка, која требаше да еволуира со заеднички настап на претстојните двојни избори. И од двете партии говореа дека размислуваат и анализираат како би поминале доколку ДУИ застане зад претседателскиот кандидат на СДСМ, а двете партии, заедно со Алијанса за Албанците, да истрчаат и со заеднички пратенички листи.
Иако од власта стигнуваа информации дека овој блок на СДСМ, ДУИ и АА би освоил повеќе пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, но не доволно за самостојно да формира влада, сепак, на крајот не дојде до формирање на еден поголем европски блок. Така, од власта се издвоија 2 вакви сојузи – еден предводен од СДСМ и друг од ДУИ, која почна да собира и ромски, турски и бошњачки партии.
Една од причините зошто пропадна идејата за заеднички изборен настап на владејачките СДСМ, ДУИ и АА е расколот што се случи во Алијанса, откако лидерот Арбен Таравари одлучи да и се приклучи на веќе обединетата албанска опозиција, составена од Беса на Биљал Касами, Алтернатива на Африм Гаши и ДД на Изет Меџити. Зошто тоа влијаеше врз однесувањето на ДУИ?
Имено, обединувањето ја направи албанската опозиција конкурентен противник на ДУИ, а уште поголем проблем беше што го исфрлија Таравари како претседателски кандидат, со оглед дека тој има висок индивидуален рејтинг. Практично, тоа ја принуди и ДУИ да го кандидира Бујар Османи за претседател, за да не и остави на опозицијата бришан простор кај албанскиот електотат.
Штом ДУИ и СДСМ не застанаа зад Стево Пендаровски, тогаш потешко остварлива стана и идејата за предизборен настап на парламентарните избори. Меѓутоа, во оваа одлука на ДУИ можеби има уште една калкулација, бидејќи вака ДУИ ги остава отворени вратите за сите постизборни разврски, вклучително и за соработка со ВМРО-ДПМНЕ.
Дека има одредено заладување на односите меѓу СДСМ и ДУИ, може да се види во нивните јавни настапи. За потсетување, не така неодамна Артан Груби и други претставници на ДУИ го фалеа експремиерот Димитар Ковачевски дека одлично се справил со кризата. Ковачевски, пак, во една прилика го бранеше Груби од новинарите, велејќи дека имале лични аномизтети кон него, додека во меѓувреме не штедеше фалби ниту за други министри на ДУИ.
Но, тонот со тек на време се смени. Прво, „интегративците“ јавно влегоа во конфликт со претседателот Пендаровски, откако тој не го потпиша новиот Закон за игри на среќа, по што на повторното гласање не се обезбеди потребното мнозинство и ова предизборно ветување на ДУИ остана нереализирано. Од друга страна, пак, во реториката на Ковачевски може да се забележат се поголеми критики кон однесувањето на функционери на ДУИ.
Така, уште во интервју на Алсат пред 2 недели Ковачевски рече дека во јуни било јасно дека предизборен настап меѓу СДСМ, ДУИ и АА нема да се случи, затоа што, според него, Таравари јасно одлучил да настапи со албанската опозија. Како што рече, тоа го стави ДУИ во положба да излезат со свој кандидат на претседателски избори, бидејќи од другата страна имаат противкандидат кој 2 пати ги победил во Гостивар.
–Не исклучувам никого, но граѓаните беа сведоци дека има поединци кои знаете како – без лоша намера знаеа да имаат одредени настапи кои не се својствени на нашите простори. Тоа може да е својствено за Европа, САД, Канада, но кај нас не се својствени и тоа може да има негативен ефект како функционира владата.
На пример, ние имавме многу тежок период 2 години, кога министрите напорно работеа со мене. Успеавме да субвенционираме 90 проценти од електричната енергија, зголемивме плати, пензии, обезбедивме финансиска помош за ранливите категории. И од друга страна некој ќе игра фудбал во канцеларија и граѓаните тоа го гледаат и викаат овие ништо не работат – рече Ковачевски.
Тој говори за настанот кога министрите на ДУИ објавија како играат фудбал и кошарка во Министерството за политички систем раководено од тогашниот вицепремиер Груби, кој патем на Фејсбук напиша: „антистрес терапија“. За истото Ковачевски уште подиректно говореше и на ТВ-дуелот со Христијан Мицкоски, кога, меѓу другото, рече дека „некои партии се однесуваа несоодветно кон праксата на добро политичко однесување“.
–Сметам дека ДУИ не се однесуваше на начин на кој треба, односно поедини функционери кои ја претставуваат таа политичка партија во владата. Но, истовремено мора да кажам дека претставници на таа партија напорно работеа и во економските и други ресори за антикризни мерки. Од друга страна, кога некој ќе земе да игра фудбал во канцеларија, како на пример, Артан Груби, тогаш народот мисли дека овие ништо не прават – рече тој.
Воедно, порача дека во следниот мандат не само што тоа нема да биде случај, туку, како што нагласи, односите ќе бидат поставени на многу подруга основа во однесувањето, но и застапеноста во една таква влада. Во однос на тоа, реагираше Мицкоски, кој, пак, истакна дека се срамел од тоа што СДСМ била подредена на ДУИ во изминатите 7 години.
–Се прашував што е тоа што го натера СДСМ од државотворна партија да се претворат во измеќар на ДУИ и Артан Груби? После ова што го кажа Ковачевски јасно ми е. Се закани жестоко дека во следниот мандат кој ќе го помине како опозиција нема да дозволи фудбалчиња и цела критика кон ДУИ се однесува на фудбал во кабинет на Груби…
Ништо нема да им направат, од мачиња лавови не бива, од утрото денот се познава. Народот ќе даде јасен одговор, треба да одговараат луѓето од ДУИ кои 20 години ја понижуваат и пљачкаат Македонија – рече Мицкоски.
Исто така, тој порача дека по овие избори заедно со албанската опозиција ќе формираат реформска и проевропска влада која, како што рече, ќе ја води Македонија до 2028 година и понатаму. Нешто слично тој кажа и на почетниот предизборен митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, кога упати низа критики за коалицијата СДСМ-ДУИ, а одвои време и за албанската опозиција, велејќи:
„Порака до албанската опозиција – сакаме да коалицираме со вас, но и да се почитуваме како пријатели и сограѓани, и Македонците и Албанците. Порака до ДУИ, и опозиција е добра за развојот на една партија и за себе оценка на сопствените грешки. Ослободете се од криминалот, ослободете ја државата од вашите корумпирани функционери и ќе го цениме тоа како ваш влог во соживотот и во системот на државата“.
Инаку, слично говореше и поранешниот премиер Зоран Заев, кој на последните парламентарни избори водеше кампања – ДУИ во опозиција. Меѓутоа, ДУИ возврати со кампањата „Албанец премиер“, која им донесе убедлива победа, па СДСМ на Заев повторно формираше влада со Ахмети. На овие избори, пак, ДУИ говори за одбрана од Русија и руското влијание.
Влатко Стојановски