Јакимовски: Паднаа маските, ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ се во предизборна коалиција

by Фокус

Оваа кампања конечно проработи како што треба и добива на својата динамика и практично паѓа првата маска. Првата маска паѓа со изјавата на господинот Максим Димитриевски дека по парламентарните избори, 200 дена потоа е подготвен да гласа за промена на Уставот на Република Македонија и внесување на Бугарите во Уставот, но со одложено дејствие. Тоа е потполно ист став како што го има ВМРО-ДПМНЕ. Ова само уште еднаш покажува дека господинот Димитриевски и неговата ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ се во предизборна коалиција, изјави претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски во Крушево.

-Со тоа што ќе предложат Уставот да се промени сега, ама да дејствува кога ќе влегуваме во Европската Унија, се однесуваат како клетва. Клетвата да не стигне сега, ама да стигне малку подоцна. Господинот Димитриевски ја даде таа изјава и тоа што го кажува овде, пред „Македониумот“ во Крушево, сакајќи да го понижи македонскиот народ и не може натаму да глуми патриот, таа изјава требаше да оди да ја даде таму, во Софија, во „столицата“ на истата емисија, на истата телевизија, ќе го пречекаа и ќе го испратеа и ќе го „почерпеа“ Бугарите онака како што треба за таква изјава.

Ние не можеме да се сложиме со таа работа, затоа што тоа што тие ни го нудат е практично обезличување на македонскиот граѓанин на рати, не сега, но постепено и слично на изјавата на Питу Гули кога Никола Карев му вели „да се повлечеме Питу, затоа што ова ќе биде ужасен крај“, а тој му вели „подобро ужасен крај, отколку ужас без крај!“ – рече Јакимовски.

Според него, тоа што Димитриевски, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ го нудат на македонскиот народ е ужас без крај.

-Сега да го сменивме Уставот, а потоа да прифатиме дека сме народ од 1944 година, а потоа да прифатиме дека нашиот јазик е наречје на бугарскиот јазик, а потоа да прифатиме дека нашите револуционери, вклучувајќи го и Гоце Делчев, дека не биле Македонци по род. Јас само сакам да им кажам дека Илинденското востание, имале замешано прсти и Бугарите со тоа што велеле дека тие ќе пружат помош и велеле дека само ако се крене востанието во Македонија, како што тие викаат, тие ќе испратат „100.000 штикови“.

Со прст не мрднале, ниту било каква нота испратиле до било која светска амбасада за теророт што потоа се случува врз недолжното македонско население, кадешто се убивале жени, деца, старци, се силувале жени, се палеле куќи, се однесувал имотот, стоката и така натаму – истакна Јакимовски.

Поврзани новости