Предавство од „Македонецот од СДСМ“ или хистерија на ВМРО кон Бугарија?

by Фокус

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ креира само хистерија во врска со разговорите со Бугарија, а од друга страна ја одби поканата што ја доби за работните групи формирани помеѓу двете влади, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски, коментирајќи ги вчерашните изјави на Христијан Мицкоски дека нема единство во парламентот за декларацијата за Гоце Делчев.

-Вчерашната изјава сметам дека не е воопшто искрена бидејќи ВМРО-ДПМНЕ единствено што прави е креирање хистерија во однос на разговорите со Република Бугарија. Исто така, во рамките на подготовките за работните групи кои ги формиравме со бугарскиот премиер и членовите на бугарската влада упативме покана и до опозицијата која беше одбиена – рече Ковачевски.

Тој истакна дека единството и застапувањето во нашата држава се прави во законодавниот дом кој, според него, претставува дом на сите граѓани кои се застапени со пратеници.

-Доколку ВМРО-ДПМНЕ мисли дека со еднострани декларации, со кои единствено се попречува процесот на разговори кои се водат во духот на европските вредности, ќе го задржи достоинството на сите граѓани, тие го прават токму спротивното – истакна премиерот.

Инаку, Мицкоски во вчерашниот говор при давањето отчет за работата на градоначалниците рече дека неговите најголеми грижи се за националните предавства затоа што, како што рече, тоа предавство доаѓа од „Македонецот од СДСМ“.

-Многу ми е криво што политичкиот естаблишмент на власта не најде за сходно да се утврдиме во нашата единствена неподелена тврдина Гоце Делчев, зошто неговата суштина на животен пат и борба беше обединувањето за слобода и самобитност, а не поделбите. Од таа гледа точка Владата и Ковачевски прават грешка и испуштаат историска шанса да бидат на вистинската страна – рече Мицкоски.

Поврзани новости