Пред точно една година регистриран првиот заболен од Ковид-19

by Fokus

Пред 365 дена или точно една година, регистриран е првиот случај на заболен од коронавирусот. Станува збор за 55-годишен маж од провинција Хубеи во Кина.

Оттогаш, бројот на заразени лица во светот надмина 55 милиони, а повеќе од 1.300.000 луѓе починаа од последиците предизвикани од вирусот Ковид-19, пишува РТС.

-Верувале или не, коронавирусот го слави својот прв роденден. Кога беше забележан првиот случај, никој не ни помислуваше дека вирусот ќе преживее толку долго, а камоли дека толку многу луѓе ќе умрат од него, стои во објавата на РТС.

Нулта пациентот е регистрирана, според „China Morning Post“, на 17 ноември 2019 година во кинеската провинција Хубеи. Тоа беше повеќе од еден месец пред лекарите да ги регистрираат првите случаи во градот Вухан, во Кина.

Научниците се сомневаат дека вирусот Ковид-19 преминал од лилјак на друго животно кое подоцна било конзумирано од човекот, по што вирусот започнал да се шири меѓу луѓето.

Експертите тврдат дека од 17 ноември минатата година, секојдневно се пријавуваат по неколку заболени пациенти, за на 15 декември 2019 година тој број да стигне до 27 заболени.

Потоа бројот на заболени започнува брзо да расте, а заразата да ја премине кинеската граница и да се пренесе во скоро сите земји во светот. Денеска во Кина каде започна пандемијата бележи само по неколку случаи на заболени на дневно ниво, а во САД бројот на заболени е околу 150 000 луѓе на ден.

Во Кина од почетокот на пандемијата па се до денес заразени се околу 86000 луѓе, а починале 4634 лица.

Во моментов најмногу заразени има во САД, Индија, Бразил, Франција и Русија.

Поврзани новости