Правосудство без усул

by fokus

Сѐ додека не се воспостави вистински систем на вредности, награди, казни и одговорности и сѐ додека на чело не дојдат луѓе што сакаат да го воспостават таквиот систем без мешање на политиката, правосудството ќе биде на коленици и никој нема да верува во него, дури ни тие што се во правосудството 

Звонко ДАВИДОВИЌ

Неколку децении се зборува и се пишува за проблемите во правосудството, разнебитеноста на системот, целосната политичка заробеност и некадарноста да се справи со проблемите. Со право се укажува на сите аномалии и проблемите што ги има правосудството, секојдневно се истакнуваат проблемите, секојдневно се открива и обелоденува по некој скандал, но одговорност и санкција нема.

И не само што никој не ја презема одговорноста, туку никој не презема ништо да се воспостави систем и правосудството да почне да заздравува. Напротив, сѐ се прави уште повеќе да се разнебити и она малку што останало од системот, ако воопшто нешто останало, и тоа со такви дејствија да се поставува прашање како воопшто тие луѓе се нашле таму.

СУДИИ ПОРОТНИЦИ

Еден од последните, од многуте скандали, е оној кога БИРН обелоденија дека една година судиите поротници биле со истечен мандат, но и покрај тоа, суделе заедно со судиите.

На судиите поротници уште во април лани им истекол мандатот, но никој на тоа не реагирал, па судиите поротници си продолжиле со својата работа и дури гласале при донесување пресуди, што пресудите ги прави манливи. За ова требало да води сметка претседателот на кривичниот суд, но и судскиот совет што ги избира.

Факт е дека проблемот со недостигот од судии поротници е долгогодишен, а незаинтересираноста се должи на малиот, речиси навредлив надоместок, но тоа не дава за право никому да се прави недоветен и да го поткопува системот со затворање очи пред проблемот.

Да е ова правна држава, а не е, сите тие пресуди треба да се укинат поради суштествени повреди, а некој за тоа треба да одговара. Но, ниту некој ќе одговара, ниту некој ќе преземе нешто, одговорните ќе продолжат да се прават блесави и по примерот на оној битолчанецот со брадичето ќе ги обвинат БИРН и новинарите за ваквата состојба.

МИНИСТЕРОТ ЗА ПРАВДА

Пред неколку дена, на трибините на фудбалскиот стадион во Палермо, на фудбалски натпревар забележани се неколку судии, обвинители и министерот за правда. Новинарите откриле дека министерот за правда не го платил билетот за чартер-лет и влезот во стадионот во Палермо, а сместувањето го платил откако целата јавност го виде на трибините, односно по четири дена од одржувањето на натпреварот.

И покрај кодексот, правилата на добро воспитување и зголемената одговорност што секој функционер треба да ја има, кај нас ништо не важи, освен големата желба за функционерска фотелја, па одговорност и во конкретниот случај нема да има.

Напротив, следува раскажување прикаски, бајки и глупости, во кои никој не верува, па дури ни самиот тој што ги раскажува. Најстрашно е објаснувањето дека јавните функционери имале право на подароци. Но, треба да се свесни дека сѐ и почнува со подароци, а во некои земји каде што владее правото, тие подароци ги нарекуваат малку поинаку и за нив следува санкција.

А, ако ова не го знаеле, можеле да прашаат, биле на вистинското место за таа работа, Палермо на Сицилија…

Смешна е писмената опомена, како укор од класниот, на вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење до министерот за правда за непочитување член 12 и член 17 од Кодексот за етичко однесување за членовите на владата и носители на јавни функции именувани од страна на владата.

Во членот 12 се наведува дека јавните функционери не треба да бидат во ситуација на судир меѓу јавниот и приватниот интерес, особено во ситуација кога јавна тајна е дека ФФМ е под лупа на истражните органи, додека член 17 на функционерите им забранува примање подароци, кои поинаку се нарекуваат кога е во прашање носител на јавна функција и потпаѓа под слово на кривичниот законик. Одговорот на министерот нема ни да го коментирам, затоа што самиот најдобро зборува за својата апсурдност.

Сѐ додека не се воспостави вистински систем на вредности, награди, казни и одговорности и сѐ додека на чело не дојдат луѓе што сакаат да го воспостават таквиот систем без мешање на политиката, правосудството ќе биде на коленици и никој нема да верува во него, дури ни тие што се во правосудството.

 

 

Поврзани новости