Православните верници го слават Велигден

by Фокус

Православните верници денеска го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите.

Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а денеска се одржуваат воскресенски литургии.

Годинава на велигденските богослужби можат да присуствуваат верници во храмовите, за разлика од лани кога имаше полициски час поради пандемијата на Ковид-19.

Македонската православна црква – Охридска Ариепископија повеќепати апелира до луѓето кои ќе ги посетуваат храмовите да ги почитуваат превентивните здравствени мерки.

Воскресението Христово е празник што ги спојува верата и традицијата, која почнува на Величетврток уште пред изгрејсонце, кога домаќинките ги бојадисуваат првите црвени велигденски јајца.

Оваа црковна традиција потекнува од првиот век по Христа, односно тоа се практикувало уште во времето на светите апостоли – Христови ученици и нивните наследници.

Велигденското јајце е старо колку и христијанството и црквата го прифатила во својата традиција и практика како симбол на Христовото воскресение.

Првите христијани и современици на апостолите почнале да бојадисуваат јајца и да ги подаруваат на Велигден, поздравувајќи се со радосниот поздрав: Христос воскресе! На тоа отпоздравувале: Вистина воскресе!

Црвената боја има симболика на победа. Нејзиното значење на овој голем христијански празник е дека Господ Исус Христос со своето воскресение ја победил смртта.

Поврзани новости