МПЦ-ОА: Да ја запазиме верата и да се однесуваме одговорно

by Фокус

Воскресението Христово е темелот на нашата вера, на нашето служење на Бога, тоа е содржина на христијанскиот карактер, па дури и на културата на секој народ кој со името Христово се именува, стои во велигденската честитка на поглаварот на Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија, г.г. Стефан и членовите на Светиот архијерејски синод.

„Нашиот живот, како православни христијани, треба да се напојува и да се храни од верата во Воскресението. И таквото секојдневно доживување на тој неповторлив настан не треба да биде само негово едноставно спомнување, како празнување заради празнување, туку треба да биде преживување и сведочење, да биде учество во сеспасителната победа на Животот над смртта, да биде наше постојано духовно обновување. Зашто, во Христа, нашиот живот треба да се преобразува, да се поправа, чекорејќи по патот кон обожувањето. Овој процес треба да го доживуваме и како наше сопствено воскресение, како лична Пасха и како Пасха на идниот век, за која Христос, откако ја изврши Тајната вечера, рече: Нема да пијам од овој лозов плод сè до оној ден, кога ќе пијам нов co вас во царството на Мојот Отец. И само така нашето празнување ќе има вистинска смисла: кога како христијани ќе се трудиме преку личниот подвиг да преминеме од Пасхата на Божјата благодат, а тоа е Воскресението Христово, во вечната Пасха – Царството небесно“, се наведува во честитката.

Во неа уште се наведува денес доаѓаат вести за воени судири, за терористички напади, за страдања, за природни катастрофи, за криминални дела, за глад, за тешки болести, за сиромаштија и се соочуваме со здравствени  проблеми со ширењето на заразната болест.

„Овој проблем повлече неприлики не само по здравјето на луѓето, туку и по безбедноста, економијата, па дури и по одговорноста на секој од нас како поединец во општеството, но и за нас како Црква. Исто така, ова искушение ја стави на испит и нашата вера. Како верен народ и Црква се соочивме можеби со најголемиот предизвик: како да се однесуваме одговорно и како да ја запазиме верата? Многумина меѓу нас постапија по снисходење, следејќи ги примерите од свештената историја на Црквата во ваквите ситуации, како и актуелните чекори на повеќето од Православните Цркви, соработувајќи со оние кои ја понесоа тежината на овој заеднички проблем и во чија одговорност е, и ќе биде – да го запазат општото добро. Затоа татковски повикувавме и повикуваме на трпеливо прифаќање и спроведување на мерките пропишани од одговорните, и од Црквата и од световната власт, па времето што ни е допуштено да го искористиме за духовно единство во предложеното послушание“, порача г.г. Стефан заедно со членовите на Светиот архијерејски синод на МПЦ-ОА.

Поврзани новости