Правда кај БЕСА, ЕЛЕМ и Царина кај ДУИ?

by fokus

За да стане дел од идната влада предводена од Зоран Заев, БЕСА очекува да добие влијателни министерски ресори, а во таква ситуација ДУИ бара моќни директорски места покрај министерските позиции,брифираат партиски извори.

Според информации на Фокус, еден од таквите ресори што би можеле да отидат кај БЕСА е Министерството за правда, кое може да добие уште поголема тежина и вредност ако се јави како предлагач на новиот закон за јазици.

Доколку дојде до тоа, практично СДСМ треба да го отстапи ова министерство од својот дел од колачот, меѓутоа, велат нашите извори, тоа би било во согласност и со ДУИ.

Иако влезот на БЕСА во владата се претставува на сметка на СДСМ,сепак,според упатените,во таков случај и ДУИ се откажува од два битни ресори.

На таков начин,би се задоволила и БЕСА, од каде бараат да бидат соодветно застапени во владата, особено откако ДУИ го добил спикерското столче во парламентот.

Според извори вклучени во преговорите за нова влада, оваа функција,која номинално е втора во државната хиерархија после претседателската,се смета за еквивалентна на две силни министерски функции.

Во ваква влада на СДСМ со сите албански партии освен ДПА, ДУИ, пак,треба да ги компензира отстапките со силни директорски места, при што се споменуваат ЕЛЕМ и Царината.

Од партиите велат дека во оваа фаза преговараат за владината програма и начинот и принципите на работа на владата,но неофицијално потврдуваат дека се размислува и се разговара и за поделба на ресори и за кадровски решенија.

В.С.

Поврзани новости