Пратениците одобрија рокот за кризна состојба да продолжи до крајот на годинава

by Fokus

Собранието изгласа Одлука да се продолжи за шест месеци рокот за постоење кризна состојба на територијата на државата заради заштита на здравјето на населението и безбедност од ширење на пандемија од КОВИД-19. Со измени на постојната Одлука, наместо 30 јуни 2021, кризната состојба ќе трае до 31 декември 2021.

Против одлуката гласаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои сметаат дека е непотребно да се продолжува кризна состојба зашто бројот на заразени е намален и дека тоа се прави за да може да се манипулира на локалните избори во октомври.

Пратеникот Бојан Стојановски во излагањето пред да се гласа побара Владата да им достави анализи и извештаи за проценка на ризикот од пандемијата и за потребата од дополнително прогласување кризна состојба.

– Таков документ немаме. Оваа кризна состојба може да се злоупотреби за локалните избори. Дали со ова на власта и се дава таква можност, праша Стојановски.

Не беа изгласани предлозите на ВМРО-ДПМНЕ два предлог-закона, за образование и за здравство, да имаат приоритет и да се преместат во првите точки на дневниот ред односно Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за основно образование во прво читање да биде 12 наместо 41 точка, а Информацијата во врска со актуелните состојби во здравството со осврт и на кризата предизвикана од коронавирусот наместо 52-ра да биде втора точка, веднаш по одлуката за продолжување на кризната состојба.

Поврзани новости