На денешната седница на Собранието, пратениците ќе расправаат по предлогот на опозицијата за поведување постапка за утврдување одговорност на претседателот Ѓорге Иванов за колективното помилување.
Минатиот понеделник, Комисијата за оценување на основаноста на предлогот за поведување постапка за утврдување одговорност на претседателот на Република Македонија со шест гласа „за“ и со четири гласа „против“ оцени дека предлогот за импичмент е неоснован.
За ваквиот заклучок гласаа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, а против беа членовите од СДСМ и од ДУИ.
И власта и опозицијата се уште стојат на своите ставови за ова прашање. Според опозицискиот СДСМ, Иванов со актите за помилување го прекршил Уставот, а за ВМРО-ДПМНЕ барањето за импичмент е целосно неиздржано и не се темели на правни аргумент.
За да помине на пленарна седница, предлогот треба да го поддржат 82 пратеници. Собранието доколку го изгласа извештајот, за Иницијативата за импичмент треба да се произнесе и Уставниот суд.