Пратениците од помалите партии ќе информираат за предлог измените на изборниот законик

by Fokus

Пратеници од помалите парламентарни партии предлагачи на Предлог-законот за измени и дополнувања на Изборниот законик денеска ќе одржат прес-конферениција во Собранието.

На прес-конференција пратениците од помалите партии – Павле Трајанов, Димитар Апасиев, Моника Зајкова, Маја Морачанин, Боби Мојсовски, Бејџан Иљас, Љупчо Балковски, Борислав Крмов, Панчо Минов денеска ќе информираат за предлог измените на изборниот законик.

Со конституирање на работната група за реформи во изборното законодавство на 3 мај во Скопје стартуваше процесот на усогласување на ставовите за измени со цел подобрување на изборната легислатива. Александар Новаковски е избран за претседател на работната група.

Во фокусот на работната група е примената на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, а потоа и изготвување нов изборен законик.

Забелешките кои се провлекуваат во извештаите на ОБСЕ/ОДИХР меѓу другото се однесуваат на поедноставување на Изборниот законик со можност да се донесе нов поради многуте измени на постојниот, потоа за ефикасноста на жалбената постапка, еднаквоста на правото на глас, прашањето на финансирање на кампањите, како и извештаите кои се добиваат околу финансирањето.

Министерот за правда Кренар Лога на првата средба на работната група истакна дека изборниот модел не е приоритет на групата.

-Имаме консензус за оваа работна група да ги инкорпорираме сите овие препораки и забелешки од ОБСЕ/ОДИХР. Моделот нас не ни е приоритет, останува само да имаме нов пречистен текст на овој Изборен законик, а исто така да се внесат сите овие забелешки. Ова е првата задача на работната група, а втората е изготвување на нов Изборен законик, изјави Лога.

Новаковски изрази оптимизам дека работната група ќе успее да излезе со предлог со цел измените да бидат усвоени најмалку шест месеци пред изборите (претседателски и парламентарни) кои треба да се одржат во првата половина на наредната година.

-Јас сум оптимист во начинот на работа бидејќи гледам дека претставници во работната група се лица кои се од оваа област и кои долго време работат на оваа материја и се надевам дека ќе излеземе со предлог и ќе успееме да ги запазиме роковите кои се утврдени со некои европски стандарди, овие измени да бидат имплементирани во еден период од шест месеци пред изборите, рече Новаковски.

ВМРО-ДПМНЕ не делегираше свој претставник во работната група.

Поврзани новости