Претседателот на Собранието Талат Џафери и координаторите на пратеничките групи денеска на редовната понеделничка средба треба да се договорат дали и кога Законодавно-правната комисија ќе заседава и ќе го разгледа барањето на СДСМ за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување.
Целта на автентичното толкување, според подносителите, е да се спречат обидите за избегнување на правдата и обезбедување неказнивост за сериозни кривични дела, односно активирање на незаконските помилувања дадени од поранешниот преседател Ѓорге Иванов, а во контекст на можната одлука на Уставниот суд за поништување на членот 11-а од Законот за дополнување на Законот за помилување од 2016 година.
Од Кабинетот на Џафери информираат дека барањето за автентично толкување што пристигнало во петокот веднаш е проследено до пратениците.
Министерката за правда Рената Тренеска Дескоска побара автентично толкување од Собранието, а пратеничката група на СДСМ во петокот го достави до претседателот на Парламентот Талат Џафери.