Природните непогоди годишно раселуваа по 20 милиони луѓе

by fokus

Природните непогоди како резултат од климатските промени принудуваат по 20 милиони луѓе годишно да ги напуштат своите домови во последната деценија, што значи дека на секои две секунди се преселува по едно лице. Тоа се наведува во нов извештај на Оксфам.

Тоа ја прави климата најголем фактор за внатрешно раселување во период, кога сиромашните земји ширум светот имаат најголем ризик, иако во нив има далеку помалку емисии на јаглерод отколку во побогатите земји.

Луѓето имаат седум пати поголема веројатност да бидат внатрешно раселени од поплави, циклони и пожари од вулкански ерупции и земјотреси, а трипати поголема веројатност од конфликти, истакнува Оксфам.

Тоа е една од многуте теми за климата што ќе се дискутира на конференцијата на ОН за климатски промени, што почнува денеска во Мадрид.

Оксфам ја повикува меѓународната заедница да направи повеќе за финансирање на програми за да им помогне на посиромашните земји погодени од климатските промени.

Земјите со ниски приходи, како Индија, имаат четирипати поголема веројатност да бидат погодени од раселување заради климатските промени од земјите како што се Шпанија и САД.

Географијата исто така игра улога – 80 отсто од погодените живеат во Азија.

Малите островски држави како Куба, Доминика и Тувалу се особено ранливи, што ги прави 7 од првите 10 земји со најголема стапка на раселување заради природни катастрофи помеѓу 2008 и 2018 година.

Луѓето кои живеат во тие мали островски земји имаат 150 пати поголема веројатност да бидат раселени како резултат на природни непогоди отколку оние кои живеат во Европа, се вели во извештајот на организацијата што ги анализирала податоците за раселените лица од 2008 до 2018 година. МИА

Поврзани новости