Пратениците ги зголемија квотите за независни кандидати на изборите

by Фокус

Освен што ќе овозможат на претстојните претседателски и парламентарни избори да се гласа со лични документи чија важност е истечена до девет месеци до денот на одржување на изборите, дел од измените на Изборниот законик усвоени со широко мнозинство во парламентот се однесуваат и учеството на независни кандидати во наредните изборни процеси.

Според досегашните одредби од ИЗ, за учество на парламентарните избори независните кандидатски листи требаше да соберат најмалку 1.000 граѓански потписи од запишаните избирачи во избирачкиот список во конкретната изборна единица за да влезат во трката за избор за пратеници.

Ова е предвидено во членот 61 од Изборниот законик, кој со вчерашните измени усвоени во парламентот, претрпе модификација, па наместо 1.000 потписи од регистрираните избирачи во конкретната изборна единица, претендентите за пратеничката функција ќе треба да обезбедат најмалку еден отсто потписи од вкупниот број запишани избирачи во изборната единица каде што се кандидираат.

Колку е поголем бројот на регистрирани гласачи во изборната единица каде што се кандидираат, толку поголем ќе биде и бројот на граѓански потписи кои независните листи треба да ги обезбедат за влез во трката за избор на пратеници.

Тоа значи дека во Изборната единица 1, каде што на изборите во 2020 година биле регистрирани 309.210 избирачи, независна кандидатска листа би требало да собере најмалку 3.092 граѓански потписи за да учествува на парламентарните избори. Во ИЕ 2 потребни би биле потребни 3.198, во ИЕ 3 би биле потребни 2.785 потписи итн.

Исто така, измените се однесуваат и на потписите потребни за учество на независни кандидати за советници и градоначалници на локалните избори.

Поврзани новости