Пратениците да испитаат дали ЈНА и Тито задоцниле со реакцијата за земјотресот во 1963

by Фокус

Македонскиот парламент да формира стручна комисија која ќе ги испита наводите пренесени преку „Дојче Веле“, а се однесуваат на настаните од скопскиот земјотрес 1963 година, побара денеска ВМРО-НП.

„Во текстот „Шпигел: Реакцијата на ЈНА беше втората катастрофа за Скопје “, реномираниот „Дојче Веле“ пренесува анализа само неколку дена после скопскиот земјотрес, во која на денешните македонски граѓани им дава шокантни информации за однесувањето на ЈНА и на Тито во времето на најголемата природна и најтешка кафастрофа за македонскиот народ. Според тој текст, другарот Тито и ЈНА два дена не се приклучиле кон помошта на скопјани, барањето на преживеаните и спасувањето на материјални добра. Aнализата на „Шпигел“, објаснува дека реакцијата на ЈНА била задоцнета и неадекватна и додека Скопје крварело и плачело, југословенската армија била на границата во борбена подготвеност, за да не нѐ нападнат Бугарија или Албанија“, стои во реакцијата од партијата на Љубчо Георгиевски.

ВМРО-НП смета дека сѐ уште има живи учесници и сега е последен момент да се утврди вистината, дали наводите на „Шпигел“ се точни или не.

„Доколку се покажат точни овие анализи, уште еднаш ќе се увериме каков бил вистинскиот однос на Белград, Тито, ЈНА кон македонскиот народ. Истовремено бараме да се утврди колкава беше помошта од тогашната југословенска држава, а во кој обем беше помошта од меѓународната заедница и каде заврши дел од истата која беше наменета за настраданите во Скопје, а никогаш не стигна. Посебно треба да се запрашаме зошто реномираниот „Дојче Веле“ овој текст ни го објавува по 51 година. Самото објавување треба сите нас да нѐзамисли и истовремено да се запрашаме што сакаат да ни порачаат од „Дојче Веле“. Дали ова не е порака до пројугословенската влада на Република Македонија која денес со сите сили го обновува југословенскиот дух во Македонија и конечно да не отрезни кон што не води Владата на ВМРО-ДПМНЕ“, прашува ВМРО-НП.

Поврзани новости