Група пратеници, меѓу кои и дел од Независната пратеничка група на ВМРО ДПМНЕ, бараат пратеничките бенефиции да им важат и по истекот на мандатот, објави телевизија Телма. Посакуваат кога ќе престанат да бидат пратеници, да ги чека работно место во државна служба. Иако сите се запознати со оваа идеја, во моментот пратениците избегнуваат да зборуваат за други детали се додека законот не се усогласи со Владата.
Во 2005-тата, беше изгласан Закон кој овозможуваше пратениците да се пензионираат со 25 години стаж и 55 години возраст, а пратеничките, со 25 години стаж и 53 годишна возраст. Законот требаше да важи за сите поранешни народни избраници почнувајќи од првиот парламентарен состав. Но, поради елементите нееднаквост и ретроактивност, шест месеци подоцна, Уставниот суд ги укина спорните членови. Сега, доколку Владата прифати, ова би било уште еден обид да се воведе специјален, бенифициран статус на пратениците.
Во Работното тело за реформи, велат дека овој закон не е приоритет. На денешната седница разговарале за 19 реформски закони кои сакаат да ги донесат или барем почнат до крајот на годината, а потоа уште за 15 кои произлегуваат од нив. Тука се законите за судови, судски совет, обвинителство, СЈО, антикорупција и слично.