Јас не сум насилник, децата ми се поважни од функцијата вели за „Фокус“ пратеникот на СДСМ Костадин Ацевски по веста што ја пренесоа дел од медиумите дека тој синоќа ја нападнал својата сопруга, по што таа пријавила семејно насилство во полиција.
– Ниту физички сум ја нападнал сопругата, ниту сум го повишил гласот кон неа. Веќе извесно време живееме одвено и таа вчера дојде дома и рече дека сака да остане тука поради децата. Реков дека тогаш јас ќе си одам, а синовите сакаа да дојдат со мене. Тука настана недоразбирањето, по што таа се јави во полиција – вели Ацевски за „Фокус“.
– Да имаше насилство, веднаш ќе поднесев оставка. Децата ми се поважни од функцијата – вели Ацевски.
Од МВР соопштија дека на 27 ноември во 21.30 часот во СВР Скопје се јавила М. А. (37) од Скопје и пријавила дека сопругот К.А. (40) од Скопје се расправал со неа и сакал да ги земе со него нивните деца. Полициски службеници излегле на местото на пријавата за расчистување на случајот.
С.Т.