Познатите жени се почесто раѓаат во приватни породилишта: АКО МОЖЕШ ДА ПЛАТИШ, ЌЕ РАЃАШ КАКО КРАЛИЦА

by fokus 11:08
11:08

Познатите жени од Македонија се почесто се решаваат да ги родат своите деца во приватни породилишта. Веќе неколку години наназад, речиси и да нема сопруга на политичар, спортист, пејачка или водителка во земјава, која што родила во државна болница. Раѓаат тие кои што имале проблеми во бременоста, но голем е бројот и на родилки кои што без проблем ја минале целата бременост, па сепак се одлучиле за поскапата варијанта. Најчесто изборот паѓа на клиничката болница ,,Аџибадем Систина,,или на ,,Ремедика,, со што само уште повеќе се потврдува тоа, дека жените кои што можат да си дозволат, не ризикуваат да раѓаат во државна болница и покрај уверувањата на политичарите дека здравството се повеќе ни оди напред.

Сопругата на поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанаќиевски ги роди своите деца во ,,Систина,, сопругата на оперскиот пејач Горан Начевски се породи на истата клиника, сопругата на Гордан Георгиев од СДСМ исто така раѓаше таму. На долгата листа на оние кои што ги добиле децата во приватно породилиште се наоѓаат и водителката Живкица Каленикова, Сузана, сопругата на пратеникот Влатко Ѓорчев, Албертина, сопругата на Фатмир Бесими, Маја, сопругата на фудбалерот Ристе Наумов, Кристина, сопруга на ракометарот Златко Даскалоски, Ружица, сопруга на кошаркарот Перо Антиќ, Александра, сопруга на актерот Тони Михајловски, Славица, сопруга на фудбалерот Игор Митрески, поп пејачката Тамара Тодевска, докторката и поранешен модел Радица Грубовиќ, поп пејачката Олгица Христовска, Росана, сопруга на музичарот Коки Јанков, Маја, сопруга на композиторот Дарко Димитров, Ирена, сопруга на фолк пејачот Благоја Грујовски, Маја, сопруга на портпаролот на МВР Иво Котевски и ред други познати имиња од јавниот живот.

Наскоро, своето второ дете ќе го донесе на свет и поп пејачката Елена Петреска, која што вели дека породувањето ќе се случи на приватна клиника. Пред два месеци и фолк пејачката Тања Блажева која што очекува принова, ни изјави дека ќе раѓа на приватна клиника бидејќи не им верува на државните институции откако во медиумите беа објавени фотографии од лошата состојба на штипското родилиште. Минатата недела и пратеникот Антонио Милошоски го доби своето второ дете, ќеркичка, а неговата сопруга се породи во приватната болница ,,Сиситина,,.

Поп пејачката Андријана Јаневска е една од ретките познати жени која што и двете деца ги роди во државно породилиште, и вели дека е задоволна од тоа како поминала за време на породувањето.

Цените за породување во приватните болници се движат од 1.000 евра па нагоре, во зависнот од тоа дали породувањето е спонтано, дали се прави со епидуранла анестезија, а пак за породување со царски рез услугата е за десеттина илјади денари повисока.

Жените кои што се решиле да родат во приватните породилишта, најчесто велат дека тоа го сториле првенствено од безбедносни причини и поради грижа за здравјето, а ги истакнуваат и професионалноста и посветеноста на лекарските тимови, хигиената на високо ниво и пријателски расположеното опкружување. За разлика од тие кои што можат да си дозволат породување во приватни болници, останатиот свет раѓа во државните. Таму породувањето е бесплатно.

Вики Клинчарова

Поврзани новости