Позитивните ефекти од Договорот од Преспа тема на централен настан на фестивалот на подмладокот на СИРИЗА во Атина

by Fokus 09:52
09:52

За важноста на Договорот од Преспа, не само за двете земји, туку и за целиот регион, но и за отворената можност за комуникацијата меѓу двата народи, особено меѓу младите по постигнувањето на решението, говореа Ивана Туфегџиќ, пратеничката од коалицијата на СДСМ и поранешниот шеф на грчката дипломатија, сега пратеник од СИРИЗА, Јоргос Катругалос на панел дискусија во рамките на фестивал „Спутник“ организиран од подмладокот на СИРИЗА што викендов се одржува во Атина, а нивните ставови ги пренесоа и во разговор со дописничката на МИА од Атина.

На четвртото издание на фестивалот, Северна Македонија имаше свои претставници, како пратеничката Туфегџиќ , така и претседателот на Социјалдемократската младина кои изразија надеж дека нивното прво учество на фестивалот и контактите со подмладокот на СИРИЗА ќе бидат почеток на нова и плодна соработка.

- Advertisements -

Во обраќањата на панел дискусијата под наслов „Залогот за мир во бурето барут на Балканот“, пратеникот од СИРИЗА, Јоргос Катругалос говореше за историската важност на Договорот од Преспа и можностите што ги отвори и за двете земји и за регионот, како и за грчката надворешна политика, а ја коментираше и позицијата на владејачката Нова демократија, за која рече дека за конкретното прашање се завртила за 180 степени, во однос на предизборните ставови.

Пратеничката од коалицијата на СДСМ во обраќањето, освен што говореше за важноста на Договорот од Преспа, акцентот го стави на младите, велејќи дека тие и од двете страни на границите се соочуваат со исти проблеми, а од особена важност е нивното поврзување и нивната комуникација.

Катругалос: Договорот од Преспа ги постави основите за народите од двете земји меѓусебно да контактираат

Поранешниот шеф на грчката дипломатија, a сега пратеник и надлежен за надворешна политика во опозициската СИРИЗА, Јоргос Катругалос, во разговор со дописничката на МИА од Атина вели дека фестивалот е добра можност за поголема комуникација меѓу граѓаните од двете земји, по Договорот од Преспа.

-Договорот од Преспа ги постави основите за народите од двете земји да стапуваат во контакт, да ги наоѓаат работите што ги обединуваат, а не оние што ги разделуваат. Сметам дека Договорот од Преспа не одигра важна улога само во високата дипломатија за да запре горчливата билатерална разлика меѓу двете земји, не само што го стабилизираше балканскиот регион, направи нешто уште поважно, им даде можност на граѓаните на Северна Македонија и на граѓаните на Грција да комуницираат, меѓусебно да се разбираат и мислам дека фестивалот „Спутник“ даде добра можност за чекор кон тоа, вели Катругалос.

За соработката меѓу младите од двете земји, тој коментира дека претходно, пред решението меѓу двете земји, пречка секогаш беше прашањето за името, а ја споменува и позитивната агенда од Договорот од Преспа, односно можностите за соработка.

-Претходно, не можевме воопшто да потпишеме билатерални договори бидејќи постоеше прашањето со името и од најважните достигнувања на Договорот од Преспа е дека едно цело поглавје се однесува токму на оваа област, на мировната, на економската, но и на културната соработка, додава пратеникот од СИРИЗА и надлежен за надворешна политика.

Катругалос за МИА истакнува дека треба да се забрзаат прашањата околу спроведувањето на договорот, како што се оние за учебниците и за трговските ознаки, „за кои се составени надлежни комисии и треба нивната работа да се охрабри и од двете влади“.

Туфегџиќ: Почеток на соработка особено важна за младите

Пратеничката од коалицијата на СДСМ веднаш по завршувањето на централниот настан – панел дискусијата на вториот ден од фестивалот на подмладокот на СИРИЗА, во разговор за МИА вели дека ова е почеток на една соработка бидејќи се работи за теми кои што се важни особено во делот на младинските прашања и политики, а токму затоа таа ги спомена младите како централен дел во нејзината дискусија.

-Mислам дека поврзувањето помеѓу младите и запознавањето на младите со различната култура, различните образовни системи, можеби и различните можности за вработување, работнички права итн, мислам дека се важни особено за нас, за да учиме од земја која е веќе членка на Европската унија и наш сосед, а од друга страна мислам дека е важно ваквите соработки да се продлабочуваат на сите нивоа помеѓу политичките партии, помеѓу граѓанското општество, медиумите, синдикатите, стопанските комори, бидејќи е важно, по Преспанскиот договор да отвораме едно ново поглавје, мислам дека е многу важно да бидат ваков тип на размени од кои можеме многу да научиме едни за други, вели Туфегџиќ.

Во однос на тоа колку младите од двете земји се познаваат, пратеничката коментира дека не се познаваат меѓу себе и треба да се следат примерите од минатото на соработки на ниво на граѓански организации, размени меѓу Универзитетите, меѓу студентите, професорскиот кадар.

-Многу е важно да ги продлабочиме тие соработки и на универзитетско ниво и на средношколско ниво можеби, бидејќи е важно да се запознаваат на начин на кој не е доволно да отидете на одмор на Грција и обратно тие да дојдат во Охрид. Туку е важно да целиот тој процес биде процес на учење, мислам дека во Северна Македонија многу малку обрнуваме внимание на неформалното образование, а тоа е еден дел, бидејќи кога учат заедно за вештини, за дигитален развој да речеме, тие се запознаваат и стекнуваат неформално образование кое понатаму им помага за да најдат квалитетно работно место, така што е важна е таа размена, може да биде многу продуктивна и мислам дека тука мораме повеќе да вложуваме, објаснува пратеничката од коалицијата на СДСМ.

Туфегџиќ додава дека тие се отворени за соработка и со сегашната влада на Грција и истакнува дека конкретните работи на кои што се осврна таа се важни за иднината на двете земји во начинот на соработката без разлика која влада е на власт, а договорот не смее да зависи од владите.

Каевски: Почнува плодна соработка меѓу Социјалдемократската младина и подмладокот на СИРИЗА

На покана на подмладокот на СИРИЗА на фестивалот, за прв пат присуствуваа и претставници на Социјалдемократската младина, a претседателот Дарко Каевски за МИА вели дека со ова започнува една плодна соработка сѐ со цел да спроведат заеднички активности и заеднички да ги презентираат сите придобивки кои произлегуваат од Договорот од Преспа.

-Верувам дека како млади луѓе можеме да ја направиме промената и тука во Грција и кај нас во Северна Македонија, се со цел што е можно повеќе младите да имаат придобивки, придобивки кои ќе значат подобра иднина и кои што ќе значат подобар стандард и она што е потребно за младите, затоа што како и во нашата држава, така и во Грција голем е бројот на млади кои што се отселуваат кои одат во западните држави, но секако кај нас е многу поголем и кај нас е позабележителен тој податок, така што заеднички можеме да спроведеме многу голем број на активности кои што ќе придонесат и ќе бидат во насока сето ова да се намали и со крајна цел да се отстрани, вели Каевски.

Соработката на подмладоците на двете партии нема да заврши со завршувањето на фестивалот на СИРИЗА. Каевски објаснува дека по повод на роденденот на Социјалдемократската младина на 9 ноември ќе организираат низа активности и настани, а поканет е и подмладокот на СИРИЗА.

-Една недела пред настанот ги очекуваме претставниците, лидершипот на подмладокот на СИРИЗА да дојде во Скопје и заеднички да го прославиме нашиот роденден, но и да ги презентираме сите заеднички активности кои што сме ги превземале, објаснува претседателот на Социјалдемократската младина.

Четвртиот фестивал на подмладокот на СИРИЗА „Спутник“, почна во петокот, а завршува вечерва со обраќање на лидерот на партијата и поранешен премиер на Грција, Алексис Ципрас, кој синоќа прошета низ штандовите, поразговара, но и се фотографираше со присутните.

Поврзани новости