Повик од протестот на ВМРО-ДПМНЕ да се блокира работата на Собранието

by Fokus

Коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на ПОДЕМ, Живко Јанкулоски, повикува да се блокира работата на Собранието. Тој на денешниот антивладин протест организиран од ВМРО-ДПМНЕ ги повика опозициските пратениците да ја сопрат работата на Собранието.

-Морате да ја блокирате работата во Собранието сѐ со цел да се спречи ова што ни се спрема за да се уништи Македонија и да се уништи сѐ што е македонско. Мораме сите заедно да ѝ помогнеме на Македонија, сите обединети. Ги повикувам сите, и политички партии, меѓутоа и граѓани, да се придружат на ова обединување. Ова не е само за нас, ова е за сите граѓани на Република Македонија, за доброто на граѓаните на Република Македонија, рече Јанкулоски во неговото обраќање на протестот пред Владата.

Тој побара и оставка од премиерот Зоран Заев, за како што рече, да се спречи продажбата на Македонија.

-Мораме да го запреме на секаков начин во намерата да го тргува македонскиот јазик, идентитет и историја. Обезличени и со свиткана кичма за да ги отпочнеме преговорите со ЕУ кои имам впечаток дека, за жал, никогаш нема да завршат. Како такви без идентитет јазик и историја, ниту нас ни е потребна Европска Унија, а ниту ние и требаме на Европската Унија, рече Јанкулоски.

Поврзани новости