Повеќе од еден месец нема никаков траг од Дарко, семејството бара помош!

by fokus

Веќе месец и половина не знаеме ништо за мојот брат Дарко. Неговото исчезнување е пријавено во полиција, но би апелирале и до граѓаните, ако имаат било какви сознанија, ако го виделе или нешто знаат, да ни помогнат, за ,,Фокус” раскажува Огнен Велковски, чиј брат Дарко, на возраст од 31 година, заминал од својот дом во Драчево, и му се изгубил секаков траг.

Огнен, кој живее во странство, вели дека Дарко и нивниот татко живееле сами. Висок е 175 сантиметри, тежок околу 80 килограми. Немал постојано вработување, последното му било во кујна, појаснува тој.

-Како зрел и возрасен човек, во минатото се случило да отиде кај пријатели во друг град, се случувало да остане по неколку дена. Но, да го нема речиси два месеци, никогаш не се случило и поради тоа сме загрижени. За сето ова време, нема контакт на социјални мрежи или пак на мобилен телефон. Не знам ниту како бил облечен кога излегол од дома… Замолуваме, доколку некој има било какви информации, да пријави во полиција, или да ме контактира мене, на социјалните мрежи – вели Огнен.

Дарко е еден од повеќето млади лица од земјава кои исчезнаа изминатиот период.

Во март годинава исчезна 29-годишниот Љумани Исљам од Ресен, а пак во април годинава од Демир Капија исчезна 30-годишниот Илија Лазаревиќ.

Минатата година од Босилово, Струмица исчезна тогаш 29-годишната Марија Брзакова. Никој од нив не е пронајден.

На страницата за исчезнати лица на МВР, се објавени околу 60 фотографии и податоци за исчезнати граѓани по кои се трага. Голем дел од исчезнатите лица се на возраст од 30 до 40 години, или пак биле на таа возраст кога им се изгубил траг. Некои се исчезнати пред повеќе од десет години. Помеѓу нив, го нема профилот на Дарко, иако семејството потврди дека неговото исчезнување е пријавено во полиција.

Вики Клинчарова

Поврзани новости