Повеќе од 750 лица уапсени во Германија со дешифрирање на тајни преписки

by fokus

Германските безбедносни служби денеска соопштија дека уапсиле повеќе од 750 лица и заплениле големи количини дрога откако дешифрирале тајни преписки преку мобилни телефони.

Истрагата почнала во април 2020 година и се заснова на податоци добиени преку комуникации меѓу корисници на услугата Енкрочет (EncroChat) кои учествувале во нелегална трговија со дрога, се вели во соопштението на државниот обвинител и Федералната криминална служба.

Државната обвинителка Јулија Бусвајлер изјави дека француски и холандски истражители помогнале во истрагата.

Тие успеале да ги дешифрираат податоците и со тоа да ја следат комуникацијата на криминалците кои користеле шифрирани мобилни телефони на „Енкрочет“.

Инспекторите заплениле 3,2 тони канабис, околу 320 килограми синтетички дроги, повеќе од 125.500 таблети екстази, скоро 400 килограми кокаин и 10 килограми хероин.

Запленети се и 310 парчиња оружје, повеќе од 12.200 куршуми и имот во вредност од 168 милиони евра.

Обвинителката Бусвајлер изјави дека истрагата сè уште не е завршена и оти податоците од разговорите се проверуваат.

Поврзани новости