Повеќе од 120 мртви во стампедото за Ноќта на вештерките во Сеул

by Fokus

Најмалку 120 лица ги изгубија животите, а над 100 се повредени во инцидентот за време на прославата на Ноќта на вештерките во Сеул, главниот град на Јужна Кореја, објави Си-ен-ен, повикувајќи се на информации од тамошната противпожарна служба.

Причината за смртта не е наведена, но, началникот на пожарникарската служба изјавил дека многу луѓе паднале среде прославите на Ноќта на вештерките, што резултирало со жртви.

Новинската агенција Јонхап претходно објави дека луѓето добиле срцев удар, повикувајќи се на информации од пожарникарите.

Службениците за итни случаи примиле најмалку 81 лице во населбата Итаевон во Сеул, кои пријавиле „отежнато дишење“.

Властите допрва треба да ги соопштат точните детали за причините за инцидентот. Полицијата ја затвори областа, а од видеата на социјалните мрежи се гледа како луѓе лежат на улиците, но и на носилки додека им се пружа прва помош.

Началникот на пожарникарите рече дека се испратени вкупно 848 сили за одговор при итни случаи, вклучувајќи 364 пожарникари и 400 полициски службеници.

Од Кабинетот на јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол соопштија дека испратен е тим за медицинска помош при катастрофа.

Претседателот, исто така, им наредил на властите да обезбедат кревети за итни случаи во болниците во близина и да спроведат брзи операции за спасување и лекување.

Поврзани новости