Потврдена условната казна за градоначалникот на Чучер Сандево

by Фокус

Апелациониот суд Скопје ја потврди условната казна за градоначалникот на Чучер Сандево, Јован Пејковски, и за уште двајца вработени во оваа Општина за претепување на сограѓанин, јави „Академик“.

Основниот суд Скопје 1 во мај годинава им изрече на Пејковски и на другите двајца опфатени со тужбата, казна затвор од три месеци која нема да се изврши доколку во период од една година не го повторат делото. Жалбата на обвинетите, Апелација ја одби како неоснована.

-Советот на овој Суд го ценеше жалбениот навод за сторена суштествена повреда на одредбите од Кривичната постапка од чл. 381 ст.1 т.11 од ЗКП, меѓутоа не го прифати како основан, со оглед да обжалената пресуда не содржи такви недостатоци поради кои не би можела да се испита во однос на нејзината правилност и законитост, изреката на пресудата е јасна и разбирлива, непротивречна со содржината на изведените докази во текот на кривичната постапка, а во образложението се содржани доволно причини за утврдените факти за завземените правни ставови на Судот, се вели во пресудата на Апелација, а пренесува „Академик“.

Второстепениот суд ги отфрлил и жалбените наводи за погрешно и нецелосно утвредна фактичка состојба.

Според тужителот, Сашо Каравочевиќ, до овој немил настан дошло бидејќи тој не гласал на локалните избори 2013 за Пејковски. Според Каравочевиќ, од овие причини обвинетите му нанеле повреди и тоа во вид на нагмечувачка повреда на главата, укасатина на лицето и нагмечување на слабината. Градоначалникот во текот на постапката, меѓу другото, негираше дека го гризнал за лице Каравочевиќ. Обвинетите во своја одбрана тврдеа дека тој се појавил во канцеларијата на градоначалникот  и им се обраќал со пцовки и погрдни зборови, по што Пејковски само го плукнал в лице, но во судница сведочеше лекар кој го постоењето повредите кај Каравочевиќ.

 

Поврзани новости