Потврдена доминацијата на Џинпинг, отстранет екс претседателот Џинтао

by Фокус

Поранешниот кинески претседател Ху Џинтао денеска беше изнесен од салата, очигледно против негова волја, пред церемонијата на затворање на Конгресот на Комунистичката партија на Кина, јавија западни медиуми.

Тој необичен инцидент не беше објаснет или пренесен од кинеските државни медиуми, а се чини дека секое  спомнување на поранешниот претседател е цензурирано на кинескиот интернет.

Ху Џинтао, кој беше претседател на Кина од 2003 до 2013 година, изгледаше многу изнемоштено и беше повикан од персоналот да стане од своето место до претседателот Си Џинпинг во првиот ред во Палатата на народот во Пекинг каде се одржуваше конгресот.

Еден вработен се обиде да го фати за рака поранешниот претседател, но тој одби. Лицето потоа се обидело да го повлече да стане, но тој продолжил да се спротивставува.

Потоа очигледно се обидел да земе некои документи кои изгледале дека му припаѓаат на актуелниот претседател.

Ху Џинтао на крајот беше убеден да ја напушти салата, очигледно против негова волја.

Држејќи го за рака, вработените го извадија од салата, а не е дадено официјално објаснување.

Инаку, кинеската владејачка Комунистичка партија денеска ја потврди континуираната доминација на претседателот Си Џинпинг во водењето на земјата, еден ден пред да му го даде широко очекуваниот трет петгодишен мандат како лидер.

На партискиот конгрес што се одржува на секои пет години, практично беа отстранети четири од седумте членови на високото раководство – меѓу кои и премиерот Ли Кечијанг, функционер број 2 и поборник за пазарно ориентирани реформи, кои се во спротивност со потезите на Си за проширување на државната контрола врз економијата.

Поврзани новости