Потрагата по Даниела Рангелова носи до адреса со 127 гласачи

by Фокус

На електронскиот Избирачки список на Државната изборна комисија има три начини за проверка чие име е на гласачкиот список. Секој полнолетен граѓанин со право на глас може да се провери преку „име и презиме“, „адреса“ и „матичен број“. По предупредување на граѓани дека имаат сознанија, дека високи функционери на власта се вмешани во инсталирањето на фантомски гласачи на списокот на ДИК, а за некои и се потврди тоа, „Фокус“ направи проверка со името на претседателката на Унија на жените, Даниела Рангелова. Иако според податоците од списокот не може да се утврди нејзина одговорност и вмешаност во лажирање на Избирачкиот список, сепак потрагата открива дека на адресата на која живее извесна Даниела Рангелова постојат, верувале или не, 127 гласачи. Неколкумина одговорни граѓани кои таргетираат сомнителни гласачи во списокот и утринава предупредија дека има многу адреси на кои има по стотина гласачи.

Ова е само уште една потврда во каков хаос е Избирачкиот список и дека ДИК навистина ќе има тешка задача да ги открие и да ги отстрани сите недоследности за да може да се организираат чесни избори. Тоа ќе значи дека секој гласач ќе мора да го има на еден список, со една адреса и во ниту еден случај не смее да се дозволи да останат валидни гласачите чии имиња се појавуваат на една адреса, ама по стотина гласачи.

Izbiracki spisok brvenica

Како пребаравме? Кога во електронскиот избирачки список ќе ја изберете опцијата според „име и презиме“ и ќе го впишете името на пратеничката Даниела Рангелова, претседателката на Унијата на жени на ВМРО ДПМНЕ се појавуваат две гласачки, едната на адреса „Коста Шахов“ број 1 во Скопје и другата на „Браќа Стефановиќ“ број нула, во тетовското село Брвеница. Едната Рангелова гласа на избирачко место 2845, а таа во Брвеница на избирачко место 2035.

Ако продолжите со потрагата, затоа што во првата фаза системот на ДИК ги дава и адресите на имењачките, односно сега ја изберете опцијата од електронскиот список според „адреса“ се заклучува дека Даниела Рангелова постои како гласач на посочената улица „Коста Шахов“ во општина Центар, како станар во станот со број 5. На таа адреса има уште еден гласач. Но кога ќе трагате по другата Даниела Рангелова според опцијата „адреса“ забележително е што на адресата „Браќа Стефановиќ“ со „чудниот“ број нула, се регистрирани дури 127 гласачи. Меѓу нив има неколкумина со презимето Рангелов.

За да биде недоследноста поголема овие 127 гласачи иако се водат сите на истата улица и под истиот број сепак правото на глас го остваруваат на три избирачки места, 2033, 2034 и 2035. Ова е уште еден пример детектиран од граѓанин и од медиум, сеедно, поважно е да се открие кои се овие 127 гласачи, како завршиле сите на една адреса, како е можно да гласаат на три избирачки места? Дури потоа, откако ќе се отстранат нерегуларностите ќе мора да се откријат и одговорните, доколку некој намерно ставил толку гласачи на една адреса и ги користел за свои партиски цели.

 

Поврзани новости