МВР: Ќе има пријави за уништувањето на темелите на крстот

by Фокус

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски најави пријави против лицата кои ги оштетија темелите на крстот што треба да се гради во Бутел. Тој тврди дека не се точни информациите дека полицијата не постапувала соодветно и навремено.

– Полицијата постапуваше согласно со правилата и сметавме дека најважно од се е да го зачуваме мирот и стабилноста и пред се, да не овозможиме да имаме ескалација на судирите. Најлесно е да го запалите огнот, меѓутоа најважно од се, денеска имаме превенција и да не дозволиме да имаме ескалација на состојбите во Република Македонија. Денеска тоа е реалност, и јас и граѓаните на Република Македонија се задоволни заради тоа, изјави Спасовски.

Практично министерот на СДСМ сега е во ситуација кога ќе мора да гони членови на владејачката ДУИ кои револтирани од постапките на ВМРО ДПМНЕ ја урнаа оградата кај крстот и ги затвораа дупките за темели. Претходно МВР отвори постапка и против неколкумина видни членови на ДУИ кои го нападнаа Тодор Петров.

За протестите пред МВР Спасовски изјави дека не биле пријавени.

– Јас мислам дека после една ваква мирна разврска, после висината и одговорност на којашто беа и политичките субјекти и сите коишто учевствуваа во овој процес нема место да се протестира пред Министерството за внатрешни работи. Затоа што на таков начин се понижуваат полициските службеници коишто најпрофесионално си ја извршија својата задача во овие тешки моменти за Република Македонија и општина Бутел, изјави Спасовски.

Поврзани новости