Потпретседателката на ЕП: Во случајот со С. Македонија и Албанија ЕУ не го исполни ветувањето

by fokus

Се согласувам дека ако сте дале ветувања, треба да ги одржите и ако сте ги подигнале очекувањата, треба да ги исполните. Во случајот со Северна Македонија и Албанија ЕУ не ги исполни очекувањата, ниту ветувањата, рече потпретседателката на Европскиот парламент, Катарина Барли на панел-дискусијата „Како да се врати проширувањето на ЕУ на вистинскиот пат? Да се даде приоритет на владеењето на правото и реформите во судството“ што се одржа попладнево онлајн.

Според Барли, новата методологија за преговорите е добар пристап.

Потпретседателката на Европскиот парламент се согласи дека долгото чекањето на земјава пред вратата на ЕУ е фрустрирачки, но не само за неа, како што истакна, туку и за ЕУ.

Австриската министерка за ЕУ, Каролина Едштадлер, пак, изрази надеж дека по изборите во Бугарија процесот околу првата меѓувладина конференција ќе продолжи. Напомена и дека приближувањето на земјите од Западен Балкан и нивното членство во ЕУ се високо на агендата на Австрија.

-Прашање на кредибилитет за ЕУ, но и прашање на сигурност за Европа е да го доближиме Западен Балкан поблиску до ЕУ. Сите знаат дека за Австрија ова е високо на агендата. Напорно работевме за да се одржи првата меѓувладина конференција за Северна Македонија и Албанија, но не беше возможно. Навистина се надеваме дека по изборите во Бугарија ќе продолжиме со процесот. Стоиме рамо до рамо со Северна Македонија и со Албанија, рече Едштадлер.

Вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров порача дека земјава е подготвена да ги почне преговорите со ЕУ и дека е целосно посветена на изнаоѓањето излез од ќор-сокакот со Бугарија, особено по изборите во оваа земја.

Осврнувајќи се на нашиот евроинтеграциски процес, Димитров потсети дека поминаа две децении откако го потпишавме Договорот за стабилзиација и асоцијација, а 16 години сме земја кандидат. Нашиот пат кон ЕУ, рече, најпрво беше автопат, потоа стана мал, а сега е многу ситен и како угорнина.

-Треба да бидеме директни и отворени. ЕУ има проблем со кредибилитетот. Од друга страна, регионот заостанува со испорака на реформите, истакна Димитров.

Земјава, потсети, паралелно додека „чека“ зелено светло за почеток на преговорите, се фокусира и на тоа да ја донесе Европа дома. Така, напомена, е наречена и реформската агенда што ја донесе Владата, а целта е не само да зборуваме за перспективите, туку и реално, во пракса да ги имплементираме европските стандарди.

-По процесот на вакцинација протв КОВИД, ова прашање ќе биде приоритет, подвлече Димитров

Поврзани новости