Постојана непостојаност

by Фокус

Власта наликува на онаа анегдота за поповите и изреката, слушај ме што зборувам, не ме гледај што правам, но во последно време мака ти е и да ги слушаш

Звонко Давидовиќ

Предвидувањата на научниците се дека по пандемијата повеќе ништо нема да биде исто, навиките, однесувањето, самиот живот ќе се смени. Очигледно овие светски умови не ја зеле предвид Македонија, а и Балканот, воопшто, кога го донеле овој заклучок. Ние сме толку постојани во својата непостојаност, во хаосот во кој живееме, со извитоперените и изопачени навики да наликуваме на палави мали деца, кои само што ќе свртиш грб, направиле беља. Не сме подготвени, ниту кадарни да се смениме, не сме подготвени да се откажеме од ниту една наша навика, ниту сме подготвени и спремни да создадеме нови навики и однесување.

Не сме подготвени да се смениме барем малку и да се однесуваме одговорно, дури и кога е нашето здравје во прашање. Вонредната состојба е сè уште во сила, а мерките малку олабавени и сè е по старо. Пола од луѓето во продавниците не ја носат маската, туку им е закачена на уво и виси како ветеринарна потврда на уво на крава или е спуштена под брада како моден детаљ.

ЧЕКАМЕ ДА ПРОДОЛЖИМЕ ПО СТАРО

Црвените линии поставени пред влезот на продавниците и касите веќе не се почитуваат, па како и пред пандемијата секој секому дише во врат. Секојдневно се крши полицискиот час, па дури ни казнените налози не ги плашат луѓето, иако изнесуваат колку нивна годишна плата. Токму додека ја пишувам колумната, гледам тројца како пред локално гранапче, кое е затворено затоа што настапил полицискиот час, го допиваат пивото како пред селска кооперација, додека децата им играат на улица. Застанува полициски џип и полицаецот најкултурно ги опоменува дека веќе десетина минути е полициски час, а пивопиите со груби и навредливи зборови им возвратија спомнувајќи ги сите премиери, министри и фамилиите нивни.

Гледајќи што сè се случува, дури и во време кога човечкиот живот може многу бргу и ненадејно да згасне, помислувам дека и Турците по 500 години избегале од овие краишта и дигнале раце од овие народи на Балканот.

Ние не учиме, не осознаваме и не се менуваме без оглед на ситуацијата и пораките што природата или животот ни ги праќа, ние едноставно трпиме и чекаме да помине непогодата и да продолжиме по старо.

Сите ние бараме некој друг да преземе нешто за нас да ни биде подобро, но не сме подготвени самите нешто да направиме, не за другите, туку за нас. Бараме друг да нè заштити, но ние самите не се штитиме, сметајќи дека е тоа обврска на некој друг.

Најчесто е коментарот што следи кога ќе се опоменат тие што ништо не направиле – па не е тоа моја работа, гајле ми е. Ама истите тие се први да солат памет како и што треба да се направи, тие се и селектори и лекари и инженери и судии и астрофизичари, во сè се разбираат и сè знаат. Со таквите е секогаш најтешко да излезеш на крај затоа што таквите ниту слушаат, ниту размислуваат, ниту учат, мислат дека сето знаење на светот го исцицале и туриле во малиот прст.

ВЛАСТА Е КАКОВ ШТО Е НАРОДОТ

Е таква ни е и власта, каков што ни е народот, милуваше да каже еден мој професор. И власта, сеедно која, онаа со лавчето или со ружата, ни е самобендисана, неспособна да учи на сопствените и туѓите грешки, некадарна да се смени и да ги прифати и сфати пораките кои секојдневно ги добива како критика или совет. Посветена си е самата на себе, и да не се изборите, би си била доволна и самата себеси, зачаурена и заробена во клишеа и стереотипи, пароли и флоскули.

Власта наликува на онаа анегдота за поповите и изреката, слушај ме што зборувам, не ме гледај што правам, но во последно време мака ти е и да ги слушаш.

Короната е опасна, полициски час, седете дома, изолација, ограничувања по старост и што уште не ни попуваа од власта и грдни пари дадоа за спотови и реклами со поуки и придики, ама кога се во прашање изборите, сè заборавија. Наеднаш човековото здравје не е најважно, короната и не е толку страшна, туку мораме на избори.

Не е страшно ако се групираме и собираме пред гласачките места, битно е за нив да гласаме, а имунитетот ќе го создадеме како што изјави еден наш политичар. Па, што не дрндавте два месеца да збудалуваме во изолација со полициски час од по три-четири дена. Што не нè оставивте да си го создадеме имунитетот, но тогаш тврдевте дека по парковите е страшно ако се собираме, ама пред гласачките места не е.

Зборуваа од владата за хуманоста и солидарноста, ама продолжија да се возат во службените коли со куп обезбедување. Ниту една своја навика не сменија, ниту се откажаа од која било привилегија, а бараа народот да го стори тоа. Се набавуваа намирници и се организираа ручеци во Домот на пратеници, се пречекува гости, се купуваа мобилни телефони. Партиите си го наплатија својот дел од буџетот и продолжија да трошат на саморекламирање и промовирање, но бараа од другите солидарност. Покажаа уплатници дел од партискиот кадар на јавни функции, фалејќи се дека уплатиле во фондот за борба против короната, ама никогаш не дадоа отчет и не ги покажаа сметките како ги трошеле народните пари.

Несериозноста и аздисаноста на власта се гледа и во уредбата со која функционерите може да патуваат, а на враќање во земјата да не бидат во карантин. Како што реков, власта си е доволна самата себеси, само за себе размислува, самата ги проширува привилегиите за себе и воопшто не размислува за последиците. Ајде што го избербативте овој простор, ја загадивте иднината, инфициравте сè што ќе допрете, фали уште и нас да нè заразите со вирусот кој е неизлечив.

ФРЧАТ БОМБИ ОД ДВЕТЕ СТРАНИ

Како секуларна држава донираше Владата во вонредна состојба пари за верски училишта од буџет и понатаму зборувајќи за кусок на средства и солидарност. Не донесоа ниту една уредба со која ќе го запрат богатењето на банките на грбот на народот поради пандемијата, не донесоа ниту една уредба за замрзнување на цените на маските и средствата за дезинфекција, ама носеа уредби за исплата на плата на СЈО, нешто што нема врска со пандемијата и вонредната состојба, ама не беа кадарни ниту знаеја да го решат проблемот како редовна влада, па како и секогаш пробуваат на мала врата.

Реагира Владата и партијата на власт дека Уставниот суд ги разгледува уредбите со законска сила и носи привремени мерки, и наместо да се праша за законитоста на уредбите и својата стручност, тие се закануваат со реформа во судството. Реформата требаше да се спроведе поради недостатоците и катастрофалните состојби во судството, а не поради ваши партиски хирови и потреби. Партијата на власт го искористи клиентелистичкиот однос на судството и продолжи таму каде што претходните застанаа и како и претходните сакаат контрола над судството за партиски и лични потреби и интереси.

Уште не се нормализираше ситуацијата, а се продолжи да биде исто како пред короната. Почнаа да фрчат бомби од двете страни од кои по којзнае кој пат се уверуваме кои се и какви се луѓето што седат на највисоките државни позиции. Од нив знаеме кој кому мајчето и фамилијата, кој рекетира, кој преведува и располага со бомбите, кој кого поседува, кој кого потплатил или измамил, кој кому верува и кој кого нарекува криминалец.

Но, како и со короната, така и со бомбите, сè исто како и пред нив. Се прават коалиции со партија за која истите тие тврдат дека се криминалци, никој за ништо не одговара, секој со секого се пазари, се краде и присвојува, се богати на државна сметка и постојано се вртат исти ликови и имиња кои се на власт сменувајќи се еден со друг така што повеќе ниту можеш, ниту умееш да ги разликуваш. Изборите нема да донесат ништо ново и добро со истите луѓе, но ќе даде некому одговор дали шарените и пленумот ги имал в џеб.

Поврзани новости