Послушајте, патриоти!

by lali 10:10
10:10

Дојде време кога „патриотите“ ќе бидат пиромани на државата во името на своите народи, а дојде и време кога „предавниците“ ќе ја спасуваат Р. Маκедонија, нејзиниот опстанок и иднина!

Не можам, а да не бидам циничен кога гледам дека огромна група луѓе, заслепена од пропагандата на пастирот, ја релативизира црната реалност во која се наоѓаме, како и поцрната иднина која нѐ очекува.

- Advertisements -

Патриоти, ќе почнам прво со поскапувањата, кои ги трпите врз вашиот џеб. Во овој период, додека расте етничката тензија од последиците на владеењето на Грујо и Али, поскапеа лебот, зејтинот, струјата, цигарите, бензинот, патарините, таксата за регистрација… Патриоти, имате ли храброст да го прашате својот пастир како тоа работниците во Србија, БиХ, Албанија и Бугарија имаат поголеми плати од нас?

На крајот од 90-тите Македонија беше многу пред овие земји во економијата и на патот кон ЕУ, и во медиумските слободи, и во владеењето на правото. Што се случува со оваа земја, смеете ли да се запрашате?

ЈАВНИОТ ДОЛГ И БРОЈОТ НА АДМИНИСТРАЦИЈАТА НАЈГОЛЕМИ ТАЈНИ ВО ДРЖАВАТА

Денес преку 30 отсто од населението живее под работ на сиромаштијата. Стотици илјади сметки на граѓани и фирми се блокирани! Не го гледате ли огромниот број просјаци низ градот?!

Знам, лицемерно ќе одговорите дека просјаци имало секогаш. Да, имало секогаш, ама никогаш во олкав број. Еден ден, само од амбулантата на Бит-пазар до таткото на Воинот на коњ (крајот на чаршијата) избројав повеќе од 25 просјаци!

Секако, ниту таткото на Воинот на коњ, ниту Скендербег мува не ги лази, тоа се, сепак, само споменици. Споменици направени од луѓе кои се спремни да ве гледаат како гладувате и, без око да им трепне, ќе фрлат 500 милиона евра на споменици и згради.

Патриоти, смеете ли да си го прашате пастирот зошто фрли половина милијарда евра на „Скопје 2014“, а можеше со тие пари да отвори 50.000 работни места во реалниот сектор? Никогаш порано не сте можеле да видите пристојно облечени луѓе кои бараат парче леб во контејнери, никогаш!

Патриоти, сигурно слушате и за опасноста од банкрот на државата поради неконтролираното задолжување. Сигурно имате и некој роднина или пријател кој работи во јавното образование, здравство или телевизија, па да ви каже дека платите почнале и да не бидат баш редовни.

Патриоти, сте се запрашале ли зошто вкупниот јавен долг и бројот на вработени во јавна администрација се најголеми тајни во државата? Од 2008 година до денес само Владата се задолжила за дополнителни 1.432.000.000 евра! Башка новите долгови на општините, државните фирми и јавните фондови (пензиски и здравствен). Смеете ли да прашате каде отишле овие пари? И вие, и вашите деца, ќе ги враќате овие пари.

Патриоти, а какво е чувството да се живее во град кој е втор по загаденост во Европа? Мене ми е гадно. Се прашувам, кој од нас ќе биде во оние над 1.300 луѓе кои умираат секоја година во Македонија од загадениот воздух!

Како што ќе рече еден мој почитуван пријател, воздухот кој го дишеме не избира патриоти и предавници, власт и опозиција, стари и млади. Да, патриоти, таквиот воздух го дишете и вие, и вашите деца. Смеете ли да го прашате пастирот зошто фабриките немаат филтри, смеете ли?

ПРОДУКЦИЈА НА ПРИМИТИВЕН НАЦИОНАЛИЗАМ!

Патриоти, Македонија е повторно пред меѓуетничка криза. Пред да ги обвините Албанците дека не му веруваат на судот за случајот „Монструм“, прашајте ги министерката и провладините медиуми зошто во јавноста ги осудија обвинетите уште на првата прес-конференција, кога беа уапсени.

А и вие, како вие проаѓате низ лавиринтите на судот? Нели е исто како низ ходниците на јавното здравство?! Сѐ помалку има правда во судовите, како што се помалку има лек во болниците. Прашајте ја и Гешковска зошто завршниот збор ѝ беше таков хушкачки, а провладините медиуми со задоволство го пренесоа.

Осум години власта и нејзините медиуми продуцираат примитивен национализам! И, сега, патриоти, што ќе правите со иднината на вашите деца во држава со етнички тензии? А, како тргнале, ќе ја надградат со верски тензии.

Дали знаете дека 75 отсто од младите сакаат да избегаат од Македонија? Тоа е последица од владеењето на пастирот ваш. Патриоти, а зошто не постои земја во Европа каде што еден премиер е толку уплашен од независен медиум и независен новинар и недоговорени прашања?

Македонија е денес земја во која двајца братучеди и еден кум се и власт, и суд, земја каде што за мнозинството луѓе нема доволно леб, правда и лек, а вие – „патриотите“, сте соучесници во тоа зло.

Можеби на „предавниците“ ќе им успее да ја спасат државата, ама вие никогаш нема да се спасите од срамот пред вашите поколенија, што главата ја стававте во песок додека фамилијата на власт пљачкаше и ја уништуваше иднината на Македонија.

Сепак, останува надеж дека вашата ној-тактика, со глава во песок и со газот како ваша највисока точка, може да биде корисна за вас ако ви дојде малку мозок од газот во главата. До тогаш нуркајте во песок, патриоти!

Поврзани новости